ИСТОРИСКИОТ ДОГОВОР ОД ПРЕСПА ГО ОТВОРА ПАТОТ НА МАКЕДОНИЈА КОН НАТО, МУ ПИША ТРАМП НА ИВАНОВ ВО ЧЕСТИТКАТА ЗА 8 СЕПТЕМВРИ

    ИСТОРИСКИОТ ДОГОВОР ОД ПРЕСПА ГО ОТВОРА ПАТОТ НА МАКЕДОНИЈА КОН НАТО, МУ ПИША ТРАМП НА ИВАНОВ ВО ЧЕСТИТКАТА ЗА 8 СЕПТЕМВРИДоговорот од Преспа и членството на Македонија во НАТО ќе придонесат за безбедноста, стабилноста и просперитетот низ целиот регион, вели Трамп. - Ѓорге Иванов; Доналд Трамп

    Американскиот претседател Доналд Трамп напиша дека историскиот Договор од Преспа го решава долготрајниот спор за името со Грција и го поплочува патот за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, во честитката до македонскиот претседател Ѓорге Иванов по повод Денот на независноста 8 Септември.

    „Македонија има многу причини да биде горда годинава. Историскиот Договор од Преспа го решава долготрајниот спор за името со Грција и го поплочува патот за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ. Договорот од Преспа и членството на Македонија во НАТО ќе придонесат за безбедноста, стабилноста и просперитетот низ целиот регион. САД се подготвени да ја поддржат Македонија, посебно во поглед на претстојните разговори за вашето членство во НАТО. Им посакувам сè најдобро на македонските граѓани на овој посебен ден“, пишува Трамп во честитката, објавена од Американската амбасада во Скопје.

    Претседателот Иванов одби да го потпише указот за ратификацијата на Договорот за името со Грција што ја изгласа Собранието во два наврати и таа уште не е објавена во Службен весник.

    „Не го прифаќам Договорот за името со Грција, нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци и останувам доследен на мојот став, рече Иванов на годинашната прослава на Илинден во Крушево.

    Иванов во говорот на Мечкин Камен кажа дека Договорот за името меѓу Македонија и Грција е штетен, се бришел македонскиот идентитет и народ и дека Владата се обидува да го заобиколи, онака како што пред 20 години тогашната Влада по потпишување на договорот со Тајван го игнорирала претседателот Киро Глигоров.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари