ИСТОШТЕНИ И РАЗРАНЕТИ НА НАД 40 СТЕПЕНИ, МИГРАНТИ СЕДУМ ДЕНА ПЕШАЧЕЛЕ ОД ГРЧКА ГРАНИЦА ДО ВЕЛЕС

    ИСТОШТЕНИ И РАЗРАНЕТИ НА НАД 40 СТЕПЕНИ, МИГРАНТИ СЕДУМ ДЕНА ПЕШАЧЕЛЕ ОД ГРЧКА ГРАНИЦА ДО ВЕЛЕСВо МВР велат дека и да ја преминале нелегално границата, овие луѓе подоцна се приведуваат на македонска територија и се враќаат во Грција. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Седум дена на температури над 40 степени пешачела група од девет момчиња и мажи до 30-годишна возраст, кои влегле илегално преку границата со Грција. Фотографот на САКАМДАКАЖАМ.МК ги забележа вчера овие истоштени мигранти крај Велес, како излегуваат од градот, со рани по рацете и нозете, некои од нив и загноени.

    Тие велат дека се од Пакистан, дека не се откажуваат од крајната цел Германија, дури и да ги уапси и да ги врати полицијата назад во Грција, откај што дошле. Велат дека немале намера да остануваат во Грција, а уште помалку тука.

    Во МВР велат дека и да ја преминале нелегално границата, овие луѓе подоцна се приведуваат на македонска територија. Само од јануари до јуни годинава полицијата на граница спречила 10.017 лица од Пакистан, Авганистан, Бангладеш и други држави во обид нелегално да ја преминат. Сите овие илјадници мигранти се вратени назад во Грција.

    Според официјалната статистика, за истиот период откриени биле 33 случаи за обид да бидат прокриумчарени 492 мигранти. Висока е и бројката на фатените шверцери кои ги криумчареле луѓето за профит. Против 44 лица се поднесени кривични пријави за криумчарење и нив веќе ги гони Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира