ИТАЛИЈА САКА ПАК ДА ГО ОТВОРИ ПРАШАЊЕТО ЗА ОТПОЧНУВАЊЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, ЈА ПРИФАТИВ ПОКАНАТА НА ПРЕМИЕРОТ КОНТЕ, КАЖА ЗАЕВ

    ИТАЛИЈА САКА ПАК ДА ГО ОТВОРИ ПРАШАЊЕТО ЗА ОТПОЧНУВАЊЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, ЈА ПРИФАТИВ ПОКАНАТА НА ПРЕМИЕРОТ КОНТЕ, КАЖА ЗАЕВПремиерот Зоран Заев рече дека ќе продолжи спроведувањето на договорите со Бугарија и Грција независно од одлуката на ЕУ, бидејќи тие се во интерес и на Македонија, но и на соседите. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев вели дека ја прифатил поканата на италијанскиот премиер Џузепе Конте на крајот на месецов да се сретнат во Рим пред следниот самит на Советот за општи работи (ГАК) на Европската Унија во ноември и вели дека Италија сака да направи посебна иницијатива на овој состанок повторно да се отвори прашањето за отпочнување преговори. Тој вели дека останува на определбата да докажува дека одлуката на ЕУ е историска грешка и дека се надева дека час поскоро ќе биде променета.

    „Секоја инцијатива која ќе придонесе горчината од одлуката да ја смени кај нашите граѓани ја поддржувам. И затоа веднаш ја прифатив поканата од Конте, премиерот на Италија. Веројатно ќе разговараме за таа идеја. Знам дека Италија сака да организира или да направи една посебна иницијатива на следниот ГАК или Советот за општи работи на министрите, каде повторно ќе го отвори ова прашање. Наша определба останува сè повеќе и повеќе да докажуваме пред ЕУ колку беше историска грешка нивната одлука, а согласно тоа се надеваме дека час поскоро ќе биде променета“, рече Заев пред конференцијаа на Светската царинска организација во Скопје.

    Тој рече дека ќе продолжи спроведувањето на договорите со Бугарија и Грција независно од одлуката на ЕУ, бидејќи тие се во интерес и на Македонија, но и на соседите.

    „Договорите се направени и важни се за нашата земја и за Бугари и Грција. Пред мојата посета на Брисел одржав состанок со сите институции кои имаат одредени замерки дека имплементацијата не е како што треба. До крајот на месецот треба да стигне мониторингот до каде е имплементацијата и ќе се работи на тоа целосно да ги имплементираме“, рече Заев.

    На новинарско прашање дали некој од светските лидери го прегрнал во Брисел по соопштување на одлуката дека земјата не доби датум за отпочнување на преговори, Заев рече дека има добри релации со сите наши соседи и дека земјата гради пријателска политика со сите.

    „Градиме пријателска политика и нашиот однос кон претседателот Емануел Макрон е пријателски и Франција е наша пријателска земја. Колку и да не ми се допаѓа одлуката, тоа е нивно внатрешно право, а тоа стана и право на ЕУ. Ќе се обидуваме понатаму да ги разубедиме оние државници кои донесоа нефер, непринципиелна или неправедна одлука за нашата земја. Моето поздравување со најголем дел со европските лидери е со гушкање, и тоа е израз на пријателство. Нашето пријателство не го демонстрираме само со нашите политики, тоа е пред сè човечност, доказ на искрена намера, меѓусебна доверба и така ќе продолжиме“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира