Италија забрани влез на лица кои претходните 14 дена престојувале или транзитирале низ Македонија. Оваа забрана не важи за оние што одат службено во работна посета, за итни случаи, за здравствени потреби, за студирање и за оние што си се враќаат дома, но и тие ќе мора да одат во изолација, соопшти Италијанската амбасада во Скопје.
Новите правила за влез во Италија важат од 26 октомври до 15 декември.
Според најновите рестриктивни правила на италијанската Влада, тие што ќе им биде дозволен влез во Италија од Македонија, ќе мораат да прикажат негативен ПЦР или антигенски тест за коронавирус, да имаат пополнето формулар за локација да останат 10 дена во изолација на адресата наведена во формуларот. Дополнително, на крајот од изолацијата ќе мораат пак да направат ПЦР или антигенски тест.
Италијанската Влада го обнови списокот на ризични земји во кои состојбата со ковид-19 се влошува. Министерството за здравство на Италија овој список го дополнува во согласност со бројот на новозаразени на 100.000 жители и со процентот на позитивни на коронавирусот од тестираните со ПЦР текст.
На списокот за кој важат новите рестриктивни мерки Италија ги додаде и Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.