Кај децата во Македонија се зголемени анксиозноста и стресот, особено по неодамнешниот бран закани со бомби во училиштата во земјата и откако беа изложени на вести за трагичниот настан во училиштето во Србија и затоа мора итно да им се даде дополнителна поддршка во последните шест недели од оваа учебна година, сооопшти денеска УНИЦЕФ.
Од УНИЦЕФ и претставници од Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието, денеска разговарале со тим од професионалци и експерти за ментално здравје за итни активности коишто ќе обезбедат поддршка на децата. Според истражувањата на УНИЦЕФ, има сè поголем број деца кои чувствуваат анксиозност, и потребите за поддршка на менталното здравје на децата и младите не смеат да се игнорираат.
„За оваа цел, УНИЦЕФ ги повикува раководствата на училиштата да се погрижат стручните соработници, односно психолозите, педагозите, специјалните едукатори и другите да бидат целосно посветени во обезбедување поддршка за децата и колегите во последните шест недели од учебната година. Дополнително, кога се работи за прашања кои ги засегаат децата, најдобриот интерес на сите деца мора да биде во фокус на секоја одлука донесена од страна на заедницата и Владата. Меѓу другото, одговорноста за идентификување и поддршка на децата кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје мора да остане во доменот на работа на стручниот кадар и товарот за идентификување и пријавување проблеми не треба да падне врз децата. УНИЦЕФ е подготвен да ја поддржи Владата на Северна Македонија и сите други релевантни партнери во нивните напори за справување со сите форми на насилство и предизвици со менталното здравје со кои се соочуваат децата и младите“, вели УНИЦЕФ.
Исто така, оттаму, ја повикувааt јавноста и медиумите да промовираат превенција и ресторативен пристап во справување со прашања поврзани со насилство меѓу деца, наместо казнени мерки и политики, но и да се воздржат од користење терминологија која поттикнува стигматизација кога станува збор за деца.
УНИЦЕФ смета дека за спречување на сите форми на насилство и справување со предизвиците поврзани со менталното здравје, потребно е вклучување на целото општество и користење на пристап кој се фокусира на превенција, градење отпорност, промовирање добросостојба и обезбедување специјализирана поддршка тогаш кога е потребна.
„Ова вклучува родителите да имаат пристап до програми за родителство; училиштата да овозможат безбедна и поттикнувачка средина за учење и децата да имаат пристап до услуги и поддршка за ментално здравје; а посебни услуги да бидат достапни за сите деца на кои им е потребна специјализирана поддршка“, додава УНИЦЕФ.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на 8 мај кажа дека во новата учебна година од септември ќе има повеќе протоколи за безбедноста во училиштата, ќе има и повеќе прирачници, ќе се разгледа и воспитната програма, работата на центрите за социјална работа. Мерката следи по масовните пукања во Белград и околината на Младеновац во Србија, во кои беа убиени вкупно 17 лица. Убијците се 14-годишен ученик и 20-годишник.
Министерството на 5 мај ги објави електронските адреси [email protected] и [email protected] за пријавување на врсничко насилство, и за два дена пристигнаа десетина пораки. Дел од нив се однесуваат на врсничко насилство, а има и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.
Б. НЕСТОРОСКА