ИТНО НИ ТРЕБА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ТЕСТИРАЊЕ ЗА КОРОНАВИРУС ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ КОСТОВ

    ИТНО НИ ТРЕБА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ТЕСТИРАЊЕ ЗА КОРОНАВИРУС ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ КОСТОВKарантинското одделение во болницата е спремно со 100 кревети и со 16 респираторни места. Во болницата има само двајца инфектолози, но засега нема потреба од помош во кадар од други клиники; - Директорот Кристијан Костов и министерот Венко Филипче. (Фото: СДК.МК)

    На Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје итно ѝ е потребен апарат за лабораториска анализа на вируси за да може да го убрза протокот на пациенти сомнителни на КОВИД-19, кои во сѐ поголем број се примаат на болничко лекување. Директорот на болницата Кристијан Костов вели дека болницата е спремна да одговори на потребите за лекување на заразени со коронавирус, но најголем проблем е што во неа не се вршат тестирања и на резултатите од Институтот за јавно здравје некогаш се чека и до два дена, а во Ургентниот центар се примаат пациенти од целата држава кои имаат потреба од каква било здравствена услуга.

    „Имаме услови, имаме простории, имаме специјалисти биохемичари, имаме искусни лаборанти кои знаат да работат во болнички услови и многу ќе биде корисно да ја убрзаме постапката на прием на пациенти со тоа што самите ќе можеме да откриеме дали некој што има друга мака е позитивен на коронавирус, или не“, вели Костов.

    Сега, речиси сите пациенти што доаѓаат на Ургентниот центар прво се примаат во изолиран оддел и чекаат резултати за коронавирус, за да бидат оперирани или соодветно третирани на различните одделенија. Се оперираат само итните, животозагрозувачки случаи, па дури потоа се чекаат резултатите.

    Во моментов, во карантинскиот дел на болницата се лекуваат 22 пациенти кај кои или е регистрирана зараза со коронавирус, или се чекаат резултатите дали се позитивни. Според клиничкката слика, најверојатно и тие се заболени од КОВИД-19. Од нив четворица се со тешка клиничка слика, од кои двајца се приклучени на машини за вештачко дишење, а седуммина се кислородно зависни. Другите 11 се стабилни, со полесна клиничка слика.

    Од 20 март, „8 Септември“ работи со посебен режим кој се практикувал уште од времето кога таа беше Воена болница на бившата ЈНА ,со сценарио за поголеми несреќи или елементарни непогоди. Одвоени се повеќе делови од зградата, како делови за изолација на пациенти во делот на тријажата, една посебна операциона сала и една ангиографска сала. Но, ако почне брзо да се зголемува бројот на пациенти, проблем може да се појави и со недостиг на соодветен кадар, бидејќи во болницата се вработени само двајца инфектолози.

    Директорот Костов вели дека во моментов, карантинското одделение во болницата е спремно со 100 кревети и со 16 респираторни места.

    „Ако загусти ќе ослободуваме уште кревети“, вели д-р Костов.

    Тој вели и дека има доволно интернисти кои би се грижеле за болните од КОВИД-19.

    „Во моментов имаме и доволно анестезиолози, но ако почне да се зголемува бројот на ваков тип пациенти ќе бараме да дојдат анестезиолози од другите клиники“, вели д-р Костов.

    Министерот за здравство Венко Филипче, уште на почетокот на кризата најави дека е направен список на 200 анестезиолози и 440 медицински сестри кои би ротирале секаде каде што за тоа ќе се појави потреба.

    Костов вели дека во болницата досега нема ниту еден здравствен работник регистриран како позитивен на коронавирусот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира