ПАЦИЕНТИ СО КОРОНАВИРУС ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ И ПРИМААТ И ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“

    ПАЦИЕНТИ СО КОРОНАВИРУС ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ И ПРИМААТ И ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“Министерот најави дека ќе има посебни пунктови во Здравствениот дом Скопје, кои би биле во функција од следната недела за опфаќање на поголем број граѓани. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека е направен план и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје да почне да прима пациенти кои ќе бидат сомнителни и позитивни на коронавирус. Бројот на заразени од коронавирус во земјава е 48, а се тестираат уште 35 пациенти.

    „Ја посетивме Болницата со посебна комисија, директори на повеќе клиники, и ќе се подготват повеќе делови, како делови за изолација во делот на тријажата, една посебна операциона сала и една ангиографска сала, и целосно посебен оддел кој има 22 кревета и 2 респираторни машини. Со оваа работа ги обезбедуваме сите пациенти кога ќе бидат дијагностицирани со КОВИД-19 или се сомнителни, да бидат испратени во ‘8 Септември’. Кадарот помина една кратка едукација доколку станува збор само за сомнение и нема потреба од итност, ќе се види се почекаат резултатите и ќе се види каде ќе се лекува“, кажа Филипче.

    Министерот најави дека ќе има посебни пунктови во Здравствениот дом Скопје, кои би биле во функција од следната недела за опфаќање на поголем број граѓани. Во Дебар утре одат уште еден пулмолог и педијатар.

    „Пациентите со коронавирус се во пораст, со оглед на тоа дека имаме локална трансмисија во Скопје. Сметам дека здравствениот систем засега е добро менаџиран, пациентите се откриваат во рана фаза, а не доцна па да се сместуваат на интензивна нега, како што се случи во други земји и доведе до колапс на здравствениот систем. Ова не е е нешто што здравствениот систем може сам да го реши, важна е улогата на граѓаните, нивната свест дека сите треба да придонесат за оваа криза да се надмина“, кажа министерот на прес-конференција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира