ИЗБЕГАНИОТ ПРАТЕНИК НИКОЛА ГРУЕВСКИ ГИ ПОВИКА ПРАТЕНИЦИТЕ УШТЕ ЕДНАШ ДА РАЗМИСЛАТ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

    ИЗБЕГАНИОТ ПРАТЕНИК НИКОЛА ГРУЕВСКИ ГИ ПОВИКА ПРАТЕНИЦИТЕ УШТЕ ЕДНАШ ДА РАЗМИСЛАТ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИОсудениот експремиер Никола Груевски се огласи на Фејсбук првпат по 20 ноември, кога објави дека добил азил од унгарските власти. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Избеганиот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски попладнево од Будимпешта ги повика пратениците од мнозинството уште еднаш да размислат и да се премислат околу гласањето за уставните измени во Собранието.

    Попладнево, азилантот во Унгарија се јави на Фејсбук и кажа дека течат последните часови до промената на Уставот заради Преспанскиот договор, притоа велејќи дека станува збор за историски одлуки. Тој ги повтори поентите од денешниот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред Собранието дека е можен подобар и пофер договор и дека е можно да се влезе во ЕУ и НАТО со разумен компромис.

    Експремиерот Груевски на 9 ноември 2018 требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за предметот на СЈО „Тенк“ за мерцедесот од 600.000 евра, но избега во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија. На 20 ноември објави дека од Унгарија добил политички азил.

    Груевски уште прима пратеничката плата, која од овој месец ќе му се намалува за 5 отсто за секој ден неоправдано отсуство од Собранието.

    Два месеца по неговото бегство, МВР и Обвинителството уште не објавија детали од истрагата како избега осудениот експремиер и дали и кој му помогнал да ја напушти Македонија.

    Седницата за уставните измени е закажана за утре во 12 часот.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари