ИЗБОРОТ НА НОВИ ЧЛЕНОВИ НА ДИК ЌЕ ЧЕКА НОВ ЛИДЕР НА ВМРО-ДПМНЕ

    ИЗБОРОТ НА НОВИ ЧЛЕНОВИ НА ДИК ЌЕ ЧЕКА НОВ ЛИДЕР НА ВМРО-ДПМНЕПо оставката на Никол Груевски, ВМРО-ДПМНЕ закажа вонреден конгрес на 22 и 23 декември во Валандово за избор на нов лидер. - Груевски по распит на СЈО на 22 ноември (Фото: М. Златевска)

    Изборот на новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК) ќе го чека наследникот на Никола Груевски за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Извори од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека не само изборот на ДИК , туку и предложените измени на законите за Судски совет, за укинување на Советот за утврдување факти и одговорност на судиите и за Законот за заштита на сведоци, кои се дел од реформите на правосудството кои ги бара Брисел, најверојатно ќе бидат ставени на дневен ред на собраниска седница по 23 декември кога ќе се одржи конгресот во Валандово, на кој што треба да биде избран новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Намерата е да се почека изборот на новиот лидер на опозицијата. Не сакаме да се случи ново ‘Пржино’. Ќе пробаме да се договориме таму каде што е местото за дебатирање, а тоа е Собранието. Ќе настојуваме со опозицијата да се договориме заедно да бидат поддржани измените кои се битни за тргање на условната препорака од Европската унија. Ако има позитивни сигнали, реформските закони ке ги разгледуваме по изборот на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ“, велат собраниски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    До денес, на сајтот на Собранието нема најави за закажување на продолжување на седницата на која што треба да се расправа за укинување на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, измените на Законот за судски совет и за Заштита на сведоци. Претседателот на Собранието Талат Џафери за в петок веќе има закажано собраниска седница на која што треба да се донесе Буџетот за 2018 година.

    По оставките на осуммината членови на ДИК, според Деловникот, Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува на денот на одржувањето на седницата. По констатирањето на оставките, собранискиот спикер Талат Џафери во рок од три дена треба да ги извести политичките партии и од власта и од опозицијата да му достават предлози за нови членови на ДИК. Кога ќе се закаже седница, одлучува претседателот на Собранието.

    Во актуелната ситуација, каде ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира работата на Собранието, поради притворањето на нивни пратеници, осомничени дека учествувале во организираниот напад на Собранието на 27 април, партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека пак може да биде голем проблем изборот на нов состав на ДИК: „Во 2015 година беше блокиран изборот на ДИК. Се комплетира на 15 декември. Со Договорот од Пржино, кога се измени Изборниот законик со кои измени како членови во ДИК се ставија и независни експерти, се одблокира работата. Тогаш власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а опозиција СДСМ. Сега улогите се променија. Власт е СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ опозиција, и пак се комплицира изборот на ДИК“.

    Според Пржинскиот договор, тројцата експерти, меѓу нив и претседателот на ДИК, треба да бидат прифатливи за партиите потписнички на Договорот, се бираат на конкурс, а треба и двотретинско мнозинство за избор. Политичката ситуација вели дека ќе треба долго време да помине за преговори за повторно да се избере нова ДИК“, велат извори од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Државната изборна комисија брои девет члена, претседател, потпретседател и седум членови. Од нив шестмина се на предлог на партиите, а тројца се од редот на експертите. Членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство. Мандатот им е пет години, со можност за реизбор.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира