Петте службени лица во секторот за граѓански работи во зградата на МТВ, кои полицијата ги фати дека издаваат возачки дозволи од Б-категорија на лица кои немаат положено возачки испит, се суспендирани од работа. Сите вакви возачки исправи се одземени од сопствениците.
„Нормално дека службените лица веднаш добија суспензија. Сега кривично ќе одговараат, за делото за кое се обвинети, им се закануваат неколкугодишни затворски казни. Незаконските возачки исправи се најдени до една. Кривична одговорност за кршење на оваа најстрога забрана ќе понесат секако и сопствениците на незаконските исправи. Заедно сите ја довеле во опасност безбедноста на граѓаните во сообраќајот“, вели помошник-министерот за внатрешни работи Тони Ангеловски.
Ангеловски додава дека истрагата продолжува, се проверува да не има уште вакви лажни возачки исправи направени како од сега веќе обвинетите пет вработени, така и од други нивни колеги.
Исходот на дисциплинските постапки за службени лица од МВР кои извршиле ваква злоупотреба, судејќи по досегашната пракса, е познат однапред е позната и овие петмина фалсификатори на пат се да ги загубат трајно работните места.
Случајот се откри пред десетина дена, а Јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд веќе поднесе Обвинителен предлог против 36 лица. Петмина се товарат за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, додека останатите 31 за поттикнување при извршувањето на тоа кривично дело.
Петтемина обвинети, вработени во Одделението за управни работи Скопје, Сектор за управно надзорни работи, Оддел за граѓански работи при МВР во повеќе наврати ја искористиле својата службена положба и овластување.
Во периодот од 26.11.2019 до 19.05.2020 година, поттикнати од останатите обвинети, тие пополнувале барања за издавање возачка дозвола во кои внесувале невистинити податоци, ги пуштале во процедура, вршеле одобрување и издавале возачки дозволи. На овој начин тие им овозможиле на подносителите да се стекнат со возачки дозволи од Б-категорија, иако не ги исполнувале условите за тоа, односно немале положено возачки испит.
За првоосомничениот, за кого во текот на претходната постапка беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител достави предлог за продолжување на притворот.
Со претходната постапка во овој предмет беа опфатени уште три лица вработени во Одделението за управни работи при МВР, но со направените проверки не се утврди дека тие презеле незаконити дејствија. Од тие причини, надлежниот јавен обвинител донел решение за отфрлање на кривичната пријава против овие три лица.
С. К. ДЕЛЕВСКА