ИЗЈАВАТА НА ЗАЕВ Е НЕПРИМЕРНА, НО ДОБРО Е ШТО ВЕДНАШ СЕ ИЗВИНИ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ

    ИЗЈАВАТА НА ЗАЕВ Е НЕПРИМЕРНА, НО ДОБРО Е ШТО ВЕДНАШ СЕ ИЗВИНИ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИНие политичарите имаме поголема одговорност и мораме да бидеме мониторирани 24/7 од граѓаните и новинарите, вели претседателот Пендаровски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот Стево Пендаровски кажа дека е непримерна изјавата на премиерот Зоран Заев дека „нема да дозволи неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер да ја симнат оваа влада од власт“, но вели дека е добро што тој веднаш се извинил на оние кои се почувствувале навредени, во интервју за „Гласот на Америка“.

    „Мислам дека еснафските здруженија на новинари дадоа најдобра квалификација. Станува збор навистина за непримерна изјава која користи речник кој може да навреди цели категории наши граѓани и во таа смисла мислам дека е добро што премиерот уште истиот ден се извини на оние кои се почувствувале евентуално навредени од тие негови зборови“, кажа Пендаровски.

    Претседателот појасни дека живееме во турбулентно политичко време и тоа прави огромен притисок и кај функционерите, но, сепак, нивната одговорност е поголема, бидејќи земаат плата од парите на граѓаните.

    „Имаме страшно динамична политичка ситуација, внатрешна и тоа прави притисок и врз нас политичарите, но јас велам дека ние, притиснати од огромен товар на јавна одговорност, немаме иста одговорност како и другите граѓани, туку имаме поголема одговорност и мораме да бидеме мониторирани 24/7 од граѓаните и новинарите. И мене ми се случувало некој збор некогаш да ми избега и ми било криво кога ме критикувале за таа реченица, теза или фраза, меѓутоа така треба да биде во една сериозна демократија. Ние сме платени од парите на граѓаните и ние мораме да испорачаме за тие пари“, изјави Пендаровски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира