Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова рече дека вчера добиле информации дека обвинетите во случајот „Титаник“, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски планирале да избегаат од Македонија на ист начин како Никола Груевски, кој избега во Унгарија и со тоа не е присутен на денешното рочиште на Титаник за изборни нерегуларности.
“Судот за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски доцна синоќа донесе решение со кое ги уважи нашите предлози место досегашните мерки одземање патни исправи и јавување во судот, да им определи мерки притвор. Вчера добивме информации дека не само што Груевски се даде во бегство, туку за бегство се спремаа на ист начин како и обвинетиот Никола Груевски и обвинетите Јанакиески и Божиновски”, рече обвинителката.
Причините дека постои опасност од бегство ги истакнавме уште при поднесувањето на обвинението, но кривичниот совет тогаш донесе одлука да им бидат определени поблаги мерки, потсети таа.
„Од тие причини сега баравме и беше одреден притвор и истото ако добиеме сознанија, ќе го бараме и за други осомничени“, најави Стефанова.
Бидејќи Груевски е во бегство, а постојат важни причини да му се суди иако е избеган, таа побара од Судот на Никола Груевски да му се суди во отсуство.
” Во овој случај ‘Титаник’, се суди за обвинение за организирана криминална група против изборите и гласањето, а Груевски е организатор. Сите докази се во една целина и нецелисходно е раздвојување на постапката”, побара Стефанова.
Одбраната на Груевски се противи на предлогот. Бараат да се заврши процедурата со екстрадиција, па потоа судот да одлучи, во спротивно на обвинетиот ќе му бидат скршени правата.
Поради немање услови, денеска судењето се одложи за 23 ноември. Судијата Осман Шабани издаде наредба за сороведување од Шутка на Јанакиески и Божиновски.
За предлогот на Стефанова, рече, ќе каже на следното рочиште.
С. К. ДЕЛЕВСКА