ЈАНАКИЕСКИ ТВРДИ ДЕКА НЕ БАРАЛ АМНЕСТИЈА ОД ИВАНОВ, АКО ИМА СМЕТКА ВО СТРАНСТВО ЌЕ СИ ПОТПИШЕ ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР

    ЈАНАКИЕСКИ ТВРДИ ДЕКА НЕ БАРАЛ АМНЕСТИЈА ОД ИВАНОВ, АКО ИМА СМЕТКА ВО СТРАНСТВО ЌЕ СИ ПОТПИШЕ ДОЖИВОТЕН ЗАТВОРСо полициски спровод утринава Миле Јанакиески беше спроведен од Шутка во Основниот суд Скопје 1, на судењето за случајот „ТНТ“ на СЈО за одмаздничкото уривање на големиот објект Космос на Фијат Цаноски (Фото: Ѓ. Личовски)

    Адвокатот на притворениот ексминистер за транспорт Миле Јанакиески ја оспори во негово име службената белешка од УБК, со која се тврди дека ќе бега и тој како Никола Груевски штом претседателот Иванов одбил да го амнестира. Таа службена белешка била основ да биде побаран и определен притвор за него.

    „Ме замоли мојот клиент Миле Јанакиески, бидејќи не може да зборува, дека не се точни наводите во таа службена белешка на УБК оти испратил посредник кај претседателот Ѓорге Иванов за да преговара да му даде амнестија. Јанакиески и Иванов се долгогодишни куќни пријатели кои се посетуваат на разни семејни поводи години наназад. Според тоа, не му ни треба посредник за да се видат. На 13 ноември, завчера, Јанакиески лично отишол кај Иванов за да разговараат за документ кој е дистрибуиран кај лидероте на партиите и кај странските амбасади и тој не бил тајна. За каков документ се работи, немам податоци“, рече адвокатот Бранко Миланов, по завршувањето на денешното рочиште за случајот „ТНТ“ на СЈО  за уривањето на „Космос“ на Фијат Цаноски, откако Јанакиески беше однесен назад во затворот во Шутка кај што е во притвор од вчераутро.

    Притворот му беше одреден на барање на СЈО по претходна службена белешка од УБК, дека пробал преку посредник да побара амнестија од Иванов по бегството на Никола Груевски. Според таа белешка, наводно, кога Иванов го одбил, Јанакиески кажал дека штом е така, и тој ќе избега.

    „Сакам да ги упатам органите на МВР да проверат преку безбедносните камери кај претседателот, дали доаѓал посредник, или Јанакиески лично бил во неговиот кабинет“, рече адвокатот Миланов.

    Тој пренесе уште една порака од Јанакиески: „Ако имам сметка надвор од Македонија, потпишувам веднаш доживотна казна затвор“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира