Решението за притвор против мене е базирано на фиктивна белешка на УБК, рече притворениот Миле Јанакиески денеска, објаснувајќи ја жалбата пред Апелациониот суд Скопје, со која бара ослободување од притвор и притоа кажа дека не сака да биде жртва на бегството на Никола Груевски.
На Јанакиески притворот му беше одреден на 14 ноември на барање на СЈО по претходна службена белешка од УБК, дека пробал преку посредник да побара амнестија од претседателот Ѓорге Иванов по бегството во Унгарија на осудениот Груевски. Според таа белешка, наводно, кога Иванов го одбил и рекол дека не може да се меша во судски одлуки, Јанакиески кажал дека штом е така, и тој ќе избега.
Јанакиески тврди дека службената белешка на УБК е фингирана.
„Дека средбата со Иванов била со посредник, е лага. Нема датум, час и место, нема проверка кај Иванов, дали имал средба со мој посредник. Судот да ги земе предвид соопштенијата на Иванов, кои за жал ги слушнав со радиоврска. Тој демантира средба преку посредник. Јас повеќе од 10 години се знам со него. Заедно ја промовиравме Македонија како поволна дестинација. Иванов ми беше и на свадба. На 13.11.2018 90 минути бев со него и зборевме за една политичка иницијатива“, рече Јанакиески, кој во кабинетот бил како граѓанин.
Ја негираше и околноста за притвор дека имал сметка во странство.
„Јас и Груевски не сме едно исто. Јас не сакам да бидам жртва поради неговото бегство. И уште нешто, јас сум најголемата жртва на масовното прислушување. Но не само мојот, туку и телефонот на мојата сопруга бил прислушуван. Почитуван суде, немојте да дозволите во 21. век да има политички затвореници“, го заврши говорот Јанакиески пред советот на Апелација.
С. К. ДЕЛЕВСКА