Ни претстои најтешкиот период во кој се очекува бројот на заболени да расте, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој денеска информираше дека во земјава има 18 новозаболени, а вкупно 259. Од вкупната бројка три лица се излечени, а шест починаа. Триесет и едногодишен скопјанец е најмладата жртва во земјава од КОВИД-19.
„Пандемијата на коронавирус во светот не стивнува, напротив бројката постојано расте, вирусот не заобиколи ниту една земја, не ја заобиколи ниту нашата. Помина нешто повеќе од еден месец кога првпат беше регистриран првиот позитивен случај во нашата земја и од тогаш до денес бројката на потврдени случаи секојдневно расте“, кажа министерот Филипче на редовната прес-конференција во Владата.
- ДВА НОВИ СМРТНИ СЛУЧАИ, 31-ГОДИШЕН СКОПЈАНЕЦ НАЈМЛАДА ЖРТВА НА КОВИД-19 ВО ЗЕМЈАВА
- ФИЛИПЧЕ ЈА РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРКАТА НА ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ОТИ НЕ ЈА ПРИМИЛЕ ПАЦИЕНТКАТА ОД СТРУГА КОЈА ПОЧИНА ОД КОВИД-19
Според него, добро е што бројот на случаи се зголемува линеарно, а не експоненцијално, што значи дека секој ден имаме приближно еднакво зголемување, што сѐ уште му дава шанса на македонскиот систем за одржливост и можност соодветно да ги прими и амортизира сите пациенти без притоа да бидат пренатрупани здравствените капацитети.
„Ние сме внимателни оптимисти. Сѐ уште сме во форма на војна. Ни претстои и период во кој ќе расте бројката на починати, мора да бидеме свесни. Вирусот не штеди никого, никој не е имун, ниту заштитен од него. Ова е сериозна закана, мораме сериозно да се однесуваме кон неа. Апелирам да не се шири паника и да се однесуваме максимално одговорно“, рече Филипче.
Филипче додава дека здравствениот систем е на ниво на задачата, дека дури е и над тоа ниво и се работи со висок степен на професионалност. Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, од коронавирус се заразени 21 здравствен работник, но ниту еден не се заразил од директен контакт со пациент, туку од пациенти кои не биле свесни дека се заразени.
Од утре почнува со работа Клиниката за кожни болести, која беше затворена на 10 март, откако се потврди дека ексдиректорката е позитивна на КОВИД-19, а целиот персонал и затекнатите пациенти беа во домашна изолација. За случајот со Заводот за рехабилитација во Козле, од каде има регистриран пациент од Тетово со коронавирус, сѐ уште траат испитувањата на медицинскиот персонал и пациентите, и кога ќе бидат сите собрани ќе се објават. Во Заводот, од утре најверојатно ќе работи само амбулантата.
На новинарско прашање дали се прави мониторинг на движењето на лицата кои се тестираат во приватните болници, Филипче одговори: „Апсолутно да. Сите се во координација со Центарот за јавно здравје, и доколку е индициринан позитивен случај влегува во системот на следење. Се следат и сите лица кои се тестирале преку системот на следење преку матичните лекари и инфектолозите“.
Б. НЕСТОРОСКА