ЈАВУВАЈ СЕ ПО АМБАСАДОРИТЕ ДА ЈА ВАДАТ ДИЈАСПОРАТА НА ГЛАСАЊЕ, МУ ВИКА ПРОТОЃЕР НА ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБИТЕ ШТО СЕ ПУШТАА ВО СУДОТ

    ЈАВУВАЈ СЕ ПО АМБАСАДОРИТЕ ДА ЈА ВАДАТ ДИЈАСПОРАТА НА ГЛАСАЊЕ, МУ ВИКА ПРОТОЃЕР НА ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБИТЕ ШТО СЕ ПУШТАА ВО СУДОТПокрај амбасадорите и конзулите, раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги користело и економските промотири за мобилизација на дијаспората да гласа за нив - Миле Јанакиески и Мартин Протоѓер пред денешното судење за изборни нерегуларности (Фото: К. Попов)

    Во 15 бомби кои денес беа пуштени во судот за предметот на СЈО за изборни нерегуларности Титаник се слушаа разговори за гласањето во дијаспората, односно како партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ договара дијаспората да се пријави за гласање оти интересот бил многу мал.

    “Само 30 луѓе се пријавени”, му вели Миле Јанакиески на Мартин Протоѓер на што тој одговара “Што збориш бе”? Дали е доволно на секој континет по 1.000 луѓе?. Јавувај се по амбасади, задолжи ги сите амбасадори и конзули да одат од врата до врата. Таму сите се во гето” му вели Протоѓер.

    На ова Јанакиески го прашува дали е доволно на ден по 50 луѓе да се посетат, на што Протоѓер му вели: „Не – по 70 души“.

    Според законот, за да биде избран пратеник треба да добие 1.000 гласови, но гласачите во дијаспората треба однапред да се регистрираат.

    “Да се врти во секое македонско друштво и таму да се назначат по двајца кои ќе вртат и ќе им спремаат на луѓето да пополнат формулари. И плус амбасадорите и конзулите да одат од врата на врата, во сите амбасади да има кол центар. Вие од Скопје ќе вртите по два-три пати на ден ќе им се качувате на глава, до кај сте, колку донесовте денес, зошто не се гледате со луѓе, ќе го информираме премиерот” му дава насоки Протоѓер на Јанакиески.

    Потоа двајцата разговараат дека и економските промотори ќе се ангажираат, а дополнително ќе бидат пуштени уште луѓе теренци. Јанакиески вели дека проблем е Лондон оти не може да најде никој со британска виза, по што додава дека ќе се јави во МНР.

    Судењето беше прекинато поради мајчински права на Јанкуловска и ќе продолжи утре со слушање нови бомби.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира