ЈОТОВА РЕЧЕ ДЕКА ЗА ЗАДУШНИЦА НА ГРОБИШТАТА ВО ЦАПАРИ ЌЕ СЕ ПОМОЛИ ЗА ДУШИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ БУГАРСКИ ВОЈНИЦИ

    ЈОТОВА РЕЧЕ ДЕКА ЗА ЗАДУШНИЦА НА ГРОБИШТАТА ВО ЦАПАРИ ЌЕ СЕ ПОМОЛИ ЗА ДУШИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ БУГАРСКИ ВОЈНИЦИУтре заедно со бугарската делегација ќе одам на првото признато и од двете страни бугарско воено гробиште во Цапари, рече Јотова. (Фото: СДК.МК)

    Потпретседателката на Бугарија Илиана Јотова, која вечерва допатува во Битола, не одговори директно на новинарското прашање дали нејзината посета на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот од фашизмот е провокација. Но подоцна, одговарајќи на други прашања во врска со меѓусоседските односи на двете земји рече: „Јас се исклучувам од тоа натаму да минувам по пат на провокации и ние имаме заеднички интереси и цели“.

    Јотова изјави дека е дојдена во Битола за утрешниот ден Задушница на кој од 1924 година во Бугарија се чествува споменот на сите загинати бугарски војници.

    „Се молам за нивните души и молиме за разум повеќе да нема војни. Утре заедно со бугарската делегација ќе одам на првите  признати и од двете страни бугарски воени гробишта во Цапари“.

    На прашањето дали од Македонија ќе продолжи за Грција за и таму да чeствуваат на бугарските воени гробишта во Солун, Јотова рече дека таа нема да оди таму туку други претставници на институции.

    За измените во Законот за здруженија со кој се забранува на здруженија и фондации да им се даваат имиња на фашисти и нивни соработници, со кои бугарските клубови во земјата ќе треба да ги променат имињата, рече дека македонското Собрание е собрание на суверена држава и има право да носи секакви закони, но дека ЕУ ќе следи внимателно дали се исполнуваат сите начела од Договорот за добрососедство.

    „Заедно почнавме еден многу мачен процес за приклучување на Северна Македонија во ЕУ  каде што јас тврдам дека е местото на вашата држава. Сметам дека многу од нашите проблеми, ако уште има такви, ќе бидат решени само кога еден ден ние сите ќе бидеме дел од големото европско семејство. Многу тешко беше издвојувано, долг беше процесот по францускиот предлог, беше спроведена и првата Меѓувладина конференција, па Договорот за добрососедство од 2017 година не е само договор на две држави, тој е дел од европското законодавство и освен Бугарија и другите членки на ЕУ многу стрикно ќе го следат неговото исполнување“, рече Јотова.

    „Бугарски ловни традиции од времето на цар Самоил до денес“ е насловен проектот за реконструкција на туристички објект, ловечка куќа во ресенското село Евла, што ќе го посети Јотова. Реконструкцијата на објектот е направена со средства на меѓународни фондови, но по оглас објавен во Бугарија.

    Откако се прошири веста дека Јотова ќе ја посети Евла, која е само на неколку километри од селото Болно, каде во борба со бугарската војска загинаа народните херои Мите Богоевски и Стив Наумов, Сојузот на борци од Битола јавно побара да дојде Јотова и да го покаже каде се гробовите на двајцата партизани чија местоположба до денес не е позната.

    Историчарите кажуваат дека овие македонски партизани загинале во борба со фашистичкиот окупатор, а бугарската полиција ги погребала во два гроба, потоа ги откопала и ги пренела кај селската црква, а од тука, тајно, телата ги однеле кај селото Ѓавато, каде се претпоставува дека ги запалиле со бензин. Нивните гробови до денес не е познато каде се наоѓаат.

    Јотова во Битола доаѓа на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, но не е дел од официјалните гости, туку е со своја агенда. Утре ќе го посети Бугарскиот конзулат каде ќе биде поставена изложба, а потоа и воените гробишта во Цапари.

    Јотова беше на отварање на културниот клуб Ванчо Михајлов во некогашното Еврејското маало во Битола во април годинава, при што на прашањето зошто Бугарија не дозволува регистрација на здруженија на Македонци што живеат таму одговори: „Кои се тие Македонци?“

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира