Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески од кого вчера осомничениот Антонијо Милошоски и група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со транспарент побараа да ги покаже писмата од притворената Катица Јанева, денеска ги носел да им ги покаже. Но, останале во неговата чанта, зашто денеска на Јавната расправа за Законот за Јавно обвинителство, со која претседаваше Александар Кирацоски, не му дадоа збор на Јовески.
Според очевидци, Јовески и пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, професорката Гордана Сиљановска Давкова, кажал дека ги носи писмата, но бадијала.
„Точно е дека ги носев писмата од комуникацијата со Јанева во врска со предметите што се водеа во СЈО и имав намера да ги образложам пред пратениците, бидејќи бев повикан. Едното писмо е копија од оригиналот што е во СЈО, а тоа е адресирано од Јанева до јавните обвинители во Специјалното, сите внатре наведени по име и презиме. Со него таа ги овластува да ги предадат сите предмети на Државниот јавен обвинител за натамошно постапување. Другото писмо е од 6.9.2019 година со кое таа ме овластува мене сите предистраги, истраги и обвиненија да ги преземам и распределам кај обвинители за натамошно постапување со нив“, изјави Јовески за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Вчера само што почна тој да зборува, Милошоски и неколку колеги, од новинарската галерија во салата „Борис Трајковски“ во Собранието, со транспарент побараа од Јовески да не ги крие писмата од Катица Јанева.
Расправата за најновата верзија за Законот за Јавно обвинителство денеска заврши.
С. К. ДЕЛЕВСКА