КАФУЛИЊАТА ЌЕ РАБОТАТ ДО 22 ЧАСОТ, НА МАСА ПО ДВАЈЦА ГОСТИ, 4 МОЖЕ АКО СЕ ОД ИСТО СЕМЕЈСТВО, ОБЈАВИ ВЛАДАТА

    КАФУЛИЊАТА ЌЕ РАБОТАТ ДО 22 ЧАСОТ, НА МАСА ПО ДВАЈЦА ГОСТИ, 4 МОЖЕ АКО СЕ ОД ИСТО СЕМЕЈСТВО, ОБЈАВИ ВЛАДАТАНе смее да се поставуваат коњопои и да се служат гости кои стојат на шанк во кафулето туку само гостите кои седат на маса.(Фото: К.Попов)

    Кафулињата и рестораните ќе работат до 22 часот, се предвидува со протоколите за работа на угостителските објекти кои денеска беа усвоени на владина седница. Од утре кога повторно се отвораат угостителските објекти, ќе биде дозволено гости да се примаат само на летните тераси односно на отворените делови од угостителските објекти кои се од три страни отворени со кровна конструкција.

    Вработените кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски. Не смее да се поставуваат коњопои и да се служат гости кои стојат на шанк во кафулето туку само гостите кои седат на маса. Масите треба да биде оддалечени една од друга во сите правци од 1,5 до 2 метри.

    „На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица само доколку се од исто семејство  Се дозволува максимален број од 12 лица на споени маси доколку растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метар“, се вели во соопштението од Владата за протоколите за работа на кафеаните.

    Задолжително е менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице. Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена.

    „Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси“, стои во протоколите.

    Задолжително е редовно одржување на тоалетите со водење на евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства. Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

    Во оваа фаза од работата на кафулињата и рестораните се забранува организирање на прослави односно свадби, родендени, крштевки и слично.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари