КАЈ Е МИЈАЛКОВ, САМО ВИЕ И КАМЧЕВ СЕ БУНИТЕ, КАЖА СУДИЈАТА ТРПКОВ ЗА ДА ГИ СМИРИ АДВОКАТИТЕ НА СУДЕЊЕТО „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“

    КАЈ Е МИЈАЛКОВ, САМО ВИЕ И КАМЧЕВ СЕ БУНИТЕ, КАЖА СУДИЈАТА ТРПКОВ ЗА ДА ГИ СМИРИ АДВОКАТИТЕ НА СУДЕЊЕТО „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“Обвинителката Лиле Стефанова и обвинетиот Орце Камчев на судење за „Плацеви на Водно“. (Фото: СДК.МК)

    Судењето „Плацеви на Водно” продолжи денеска во Основниот кривичен суд во една поинаква атмосфера отколку пред првиот круг локални избори, до степен судијата Илија Трпков едвај да ги седне на место адвокатите на обвинетиот Орце Камчев.

    Првин тие бурно реагираа и на секоја реченица ја прекинуваа обвинителката Лиле Стефанова, зашто доказите од обвинителствата на Кипар и на Белизе, ги добивала на приватен мејл на Јаху.

    Стефанова повторуваше дека комуникацијата на приватниот мејл не е собирање докази, туку барање за собирање докази и дополнување на тие барања.

    Таа појасни дека замолницата за меѓународна правна помош до Кипар е испратена преку Министерството за правда.

    Адвокатите на Камчев најмногу реагираа, упатувајќи дека доказите се добиени на незаконит начин и побараа судот да не ги прифати. Судот одлучи да ги одбие приговорите, со образложение дека за законитоста ќе цени кога и одбраната ќе ги изнесе своите докази.

    Реакциите продолжија, Стефанова беше прекинувана постојано.

    „Знам, не ви се допаѓаат доказите од Кипар, ама тие се, што да правам”, рече Стефанова во галамата и довикувањето.

    Таа продолжи да ги чита доказите за трансакции враќајќи се од 2016 наназад.

    Но, почнаа жестоки реакции од бранителите на Камчев, дека брзо ги чита. Стефанова пак замоли да не ја прекинуваат, се губи рече смислата на презентацијата на материјалните докази.

    Судијата кажа да ги прочита одново. Стефанова рече нека запишат каде не прочитала, на крајот ќе ги презентира тие докази повторно.

    Обвинителката им кажа дека ги знаат тие докази, дадени им се на обвинетите и дека адвокатите ги имаат материјалите пред себе. Но, тие побараа да не прескокнува кога чита и да гледаат докази на мониторите во судницата, што е нивно право, без оглед што ги имаа доказите на хартија пред себе.

    Во еден момент судијата за да ги смири незадоволните, се сети на обвинетиот Сашо Мијалков.

    „Кај е Мијалков? Видете го кај е. Ене го седи зад вас. Еднаш не се побуни за судењето, само вие и вашиот клиент постојано имате забелешки и ја прекинувате седницата”, им се обрати судијата на дел од бранителите на Камчев.

    По паузата Стефанова читаше докази за перење пари добиени и од колегите од Британските Девствени Острови.

    Само што заврши презентацијата на материјалните докази, почна сведочењето на првиот сведок на обвинителството, адвокатот Лазар Бошњаковски од Скопје, кој го поврзал продавачот на земјиште шума на Водно, со Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, градежник меѓу другото, и кој исто така е сведок во предметот.

    Целта на обвинителството со овој сведок е да се спојат сопствениците на плацевите со обвинетите. Сопствениците на плацевите живеат во Белград, Црна Гора и во САД.

    Овој судски процес е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.

    Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира