КАТИЦА И БОКИ 13 ЌЕ СЕ ВИДАТ ПО 4 МЕСЕЦИ, ДЕНЕСКА ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО ЗА „РЕКЕТ“

    КАТИЦА И БОКИ 13 ЌЕ СЕ ВИДАТ ПО 4 МЕСЕЦИ, ДЕНЕСКА ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО ЗА „РЕКЕТ“Бојан Јовановски-Боки 13 треба да биде спроведен од притвор од затворот во Шутка, а со полицисиско комбе од куќен притвор ќе биде донесена и второобвинетата Катица Јанева. (Фото: СДК.МК)

    Поранешната Специјална обвинителка Катица Јанева, по 4 месеци ќе се види за првпат со нејзиниот пријател Бојан Јовановски-Боки 13 кој е во притвор од 15 јули, денеска во Основниот суд Скопје 1, каде што почнува судскиот процес за случајот „Рекет“.

    Јовановски треба да биде спроведен од притвор од затворот во Шутка, а со полициски комбиња ќе бидат донесени и второобвинетата Јанева и третиот обвинет Зоран Милевски-Кичеец, кои се во куќен притвор. Јанева беше во притвор во Шутка од 21 август до 19 ноември.

    Јовановски вчера беше вратен во затворот во Шутка, откако минатата недела беше примен на прегледи во болницата „8 Септември“. Апелациониот суд вчера требаше да расправа по неговата жалба за пуштање од притвор, но поради неговото барање седницата да биде затворена за јавноста, седницата беше одложена и најверојатно ќе се одржи утре.

    Обвинителката Вилма Русковска на 10 октомври го обвини Јовановски за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Јанева ја обвини за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, а Милевски за „Примање награда за противзаконито влијание“.

    Тројцата ги пријави кај власта бизнисменот Орце Камчев, кој како осомничен и притворен во големата истрага на СЈО „Империја“, му дал на Јовановски милион и пол евра за да му го олесни статусот како осомничен и притворен, со ветување дека Јанева и целосно ќе го ослободи од вина. Милески бил посредник, ги договарал средбите на со сопругата на Камчев додека тој бил во притвор, а потоа и со него, и ги убедувал дека има влијание врз Јанева.

    Парите Обвинителството не ги најде, но најде докази за енормно трошење и луксузирање нив Европа од првообвинетиот Јовановски, со статус невработено лице. Кај Јанева откри дека зела мито во мебел и готовина од 50.000 евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира