КАТИЦА ЈАНЕВА И ЗОРАН МИЛЕВСКИ СО ПО ДВА АДВОКАТА ЧЕКААТ ВО СУДНИЦА ДА БИДЕ СПРОВЕДЕН БОКИ 13 ОД ШУТКА, ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО ЗА „РЕКЕТ“

    КАТИЦА ЈАНЕВА И ЗОРАН МИЛЕВСКИ СО ПО ДВА АДВОКАТА ЧЕКААТ ВО СУДНИЦА ДА БИДЕ СПРОВЕДЕН БОКИ 13 ОД ШУТКА, ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО ЗА „РЕКЕТ“Спроводот на Боки 13 од затворот во Шутка доцни половина час, па според тоа, ни судискиот совет на чело со судијката Васка Николовска-Масевска, не е сѐ уште на своите места. - Катица Јанева пристигнува во Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Обвинетите Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец дојдоа утринава во Кривичниот суд на почетокот на судењето за случајот „Рекет“, но седат во судница и го чекаат првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 да биде спроведен од затворот во Шутка. Јанева и Милевски се во куќен притвор.

    Во преполна судница со многу новинарски екипи, синот и сестрата на обвинетата Катица Јанева, набљудувачи од невладини организации, ОБСЕ и висока претставничка на американската амбасада во Скопје, се чека да биде спроведен главниот обвинет.

    Неговиот спровод доцни половина час, па според тоа, ни судискиот совет на чело со судијката Васка Николовска-Масевска, не е сѐ уште на своите места.

    Пристигна и шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која Јовановски го обвини за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Јанева ја обвини за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, а Милевски за „Примање награда за противзаконито влијание“.

    Тројцата ги пријави кај власта бизнисменот Орце Камчев, кој како осомничен и притворен во големата истрага на СЈО „Империја“, му дал на Јовановски милион и пол евра за да му го олесни статусот како осомничен и притворен, со ветување дека Јанева и целосно ќе го ослободи од вина.

    Парите Обвинителството не ги најде, но најде докази за енормно трошење и луксузирање нив Европа од првообвинетиот Јовановски, со статус невработено лице. Кај Јанева откри дека зела мито во мебел и готовина од 50.000 евра.

    Според обвинението на Русковска, Јовановски во периодот од ноември 2018 година до април 2019 година во Скопје, со искористување на своето претпоставено влијание врз специјалната обвинителка Јанева со која биле пријатели, влијаел врз неа да даде до судот предлог да му се укине мерката притвор, да му се определи поблага мерка-куќен притвор при постоење на исти, неизменети околности, врз основа на кои по нејзин предлог притворот бил определен и продолжен дома. Во понатамошниот тек на постапката Боки 13 влијаел кај Катица да му даде својство на заштитен сведок и со наредба да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета. Влијаел кај тогашната специјална обвинителка и да му се укине мерката на претпазливост-привремено одземање на неговите патни исправи и да му даде нов, времен пасош.

    Преку третообвинетиот Милевски кој ги договарал средбите на Боки 13 и Камчев во неговиот дом, Боки 13 го уверил сведокот Камчев дека Јанева ќе ги исполни, односно ги исполнила сите негови барања. Таа незнаејќи дека сведокот Камчев ги снима што зборуваат, како рекетираат и како Јовановски зема торба со пари од него, по телефон го уверува: „Се ќе биде океј!“

    За посредувањето Јовановски и Кичевски примиле награда во вкупен износ од 1.500.000 (500.000 евра од Ана Камчева, сопруга на Орце, сведок во постапката и милион евра од него). Јанева за куќниот притвор и пасошот за себе прибавила значителна имотна корист и тоа предмети-мебел во износ од 296.040,00 денари кој за неа го набавил обвинетиот Боки 13 од фирмата „Зона мебел“ Скопје и пари во износ од 50.000 евра.

    Јанева во ноември 2018 година донесе наредба за спроведување истрага против Орце Камчев и други лица во „Империја“ со предлог за притвор, кој судот го одобри. Јовановски преку третообвинетиот Милевски, кој е вработен во „Орка Холдинг“ на притворениот Камчев, договорил средба во тогашната ТВ21 со сопругата на Орце, Ана Камчева. Таму се одржале неколку средби и при секоја средба Јовановски телефонски преку спикерфон контактирал со обвинетата Јанева која слободно си зборувала пред Камчева, за да ја уверат во нивната блискост.

    Откако сопругата на тогаш притворениот Камчев се уверила во неговото влијание врз обвинетата, а бидејќи мерката притвор против нејзиниот сопруг била продолжена, во втората половина на декември 2018 година обвинетите Јовановски и Милевски на средба со неа побарале 500.000 евра за мерката притвор против нејзиниот сопруг да биде заменета со поблага мерка-куќен притвор. Парите таа ги обезбедила, му ги дала на Јовановски на 24.12.2018 година во неговиот дом, а Јанева веднаш пред судовите почнала со предлозите за олеснување на неговата положба, финиширајќи со времениот пасош кој по нејзина наредба МВР му го издаде.

    Рекетирањето, според обвинението, почнало всушност веднаш со отворањето на истрагата за „Империја“.

    За време на куќниот притвор Јовановски го посетувал осомничениот Камчев во домот во Злокуќани, а овој средбите тајно ги снимал, заедно со Јанева пуштена на спикерфон. Сите тие снимки се во рацете на Русковска. Боки 13 телефонски преку спикерфон разговарал со Јанева, која пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, им кажувала доверливи податоци од истрагата, особено потенцирајќи дека јавниот обвинител Лиле Стефанова, која ја води „Империја“, ќе работи по нејзин налог и по ваквите разговори барале 8.000.000 евра ако Специјалното обвинителство со одлука на Врховен суд остане овластено обвинителство во „Империја“. А ако донесе мислење дека тоа обвинителство е неовластен тужител, да им даде 5.000.000 евра за во истражната постапка обвинетата Јанева да му даде својство на заштитен сведок. Ветила дека со наредба ќе ја запре истражната постапка или ќе склучи со него спогодба за полесни кривични дела, со што Камчев би платил незначителен износ на штета. Мерката на претпазливост- привремено одземените патни исправи ќе се укине и патните исправи ќе му се вратат без ограничување и за тоа веднаш да им даде 1.000.000 евра, а останатите 4.000.000 евра да ги плаќа сукцесивно и тоа по 1.000.000 евра во април, мај, септември и декември 2019 година.

    На 20.02.2019 година околу 15 часот обвинетите Јовановски и Милевски дошле во домот на сведокот во „Рекет“ Орце Камчев, кој откако во торба марка „луј витон“ заедно со сведок девизен референт во Орка Холдинг АД Скопје ставиле 1.000.000 евра во различни апоени врзани во пачки за кои сочиниле спецификација, торбата им ја дал на обвинетите по што тие заминале од неговиот дом.

    Место да им ги даде останатите 6,5 милиони евра, со аудио и видео снимките што ги направил од рекетирањето, Камчев ги пријави тројцата во обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари