КАТИЦА ЈАНЕВА ОД ПРИТВОР ГИ РЕШИ БЕСКОНЕЧНИТЕ ПРЕГОВОРИ ЗА СЈО, ПРЕДМЕТИТЕ МУ ГИ ОТСТАПИ НА ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУБОМИР ЈОВЕСКИ

    КАТИЦА ЈАНЕВА ОД ПРИТВОР ГИ РЕШИ БЕСКОНЕЧНИТЕ ПРЕГОВОРИ ЗА СЈО, ПРЕДМЕТИТЕ МУ ГИ ОТСТАПИ НА ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУБОМИР ЈОВЕСКИПисмото од СЈО е препратено до државниот обвинител Јовески, кој во рок од три дена треба да се изјасни што ќе прави со предметите на Јанева. - Од апсењето на Катица Јанева на 21 август (Фото: К. Попов)

    Специјалната обвинителка Катица Јанева која е во притвор за злоупотреба на службената положба, испратила писмо до Специјалното јавно обвинителство со кое колегите ги известила дека предметите му ги отстапува на Јавното обвинителство. Токму за судбината на предметите (истрагите и обвиненијата) на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ преговараат со месеци и немаат помрднување од мртва точка.

    Писмото од СЈО е препратено до државниот обвинител Јовески, кој во рок од три дена треба да се изјасни што ќе прави со предметите на Јанева.

    Според Законот за кривична постапка може Јавниот обвинител да ги распредели предметите кај истите обвинители од СЈО, кои сега ги застапуваат како помошници на Јанева. Може да ги даде и на други обвинители.

    Јанева го испратила писмото затоа што неа мандатот на 15 септември ѝ истекува, а партиите, поради барањата на ВМРО-ДПМНЕ тие да одредат кај кои обвинители ќе се прераспределат истрагите и обвиненијата на Јанева, не се договорија за тоа. Нема забрана во Законот за Специјално обвинителство шефицата во кое било време да ги отстапи предметите на Државниот јавен обвинител, кој е и нејзин претпоставен.

    „Во текот на вчерашниот ден до ова Јавно обвинителство од страна на Основниот кривичен суд Скопје доставено е полномошно кое Катица Јанева преку КПУ ’Затвор Скопје‘ го доставува до ова Јавно обвинителство. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага. Имајќи го предвид законот за СЈО и одредбите за автономија на Обвинителството, во текот на денешниот ден ќе биде испратен допис до Јавното обвинителство на РСМ со цел запознавање на Јавниот обвинител со ваквото полномошно, по што ќе биде донесена одлука за евентуално понатамошно постапување‘, соопшти прес-службата од Специјалното јавно обвинителство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари