АНА КАМЧЕВА НЕ ПОТВРДИ СО СИГУРНОСТ ДЕКА КАТИЦА ЈАНЕВА ЗНАЕЛА ОТИ ДОМА КАЈ БОКИ 13 ЌЕ ДОЈДАТ НА ГОСТИ ТАА И ЗОРАН МИЛЕСКИ

    АНА КАМЧЕВА НЕ ПОТВРДИ СО СИГУРНОСТ ДЕКА КАТИЦА ЈАНЕВА ЗНАЕЛА ОТИ ДОМА КАЈ БОКИ 13 ЌЕ ДОЈДАТ НА ГОСТИ ТАА И ЗОРАН МИЛЕСКИСведокот Ана Камчева вели дека „Сè ќе биде океј“ од објавените снимки од италијанскиот весник „Ла Верита“ е гласот на Катица Јанева. - Обвинетата Катица Јанева и сведокот Ана Камчева на денешното судење за „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Адвокатката на Катица Јанева, која на Орце Камчев не му постави прашање во петокот, денеска на судењето за „Рекет“ вкрстено го испрашуваше сведокот Ана Камчева во насока да ги девалвира нејзините тврдења дека Јанева влијаела на каков било начин за земање рекет од 500.000 евра од неа и дека воопшто некогаш побарала нешто материјално од неа.

    „Како бевте уверена во влијанието на Катица Јанева врз Бојан Јовановски?“, праша адвокатката.

    „Јовановски ни кажуваше за докази во ’Империја‘ какви има. Уште на првата средба со Јовановски во канцеларијата на 1ТВ. На спикерфон тогаш ја слушнав Катица како зборува со Бојан“, одговори Камчева.

    „Дали можете со сигурност да тврдите дека Катица Јанева знаела дека ќе дојдете во Орман во домот на Бојан Јовановски и вие и Милески при средбата што ја опишавте?“, праша адвокатката.

    „Претпоставувам дека знаела“, кажа Камчева.

    „Дали некогаш Јанева побарала пари од вас?“, праша адвокатката.

    „Бојан бараше, Катица не. Никогаш“, одговори сведокот.

    Адвокатот на Јанева, пак, во вкрстени прашања бараше појаснување за апоените евра за тие 350.000 што Камчева тврди дека во несесер му ги дала на Јовановски, за да му ја олесни истрагата на нејзиниот сопруг во истрагата на СЈО „Империја“.

    „Имаше 50-ки, 100-тки, 200-тки, 500-тки“, кажа Камчева.

    „Но рековте дека биле ситни апоените. За вас ситни се 500, 200 евра?“, искоментира адвокатот. „Тврдите дека тоа: ’Сè ќе биде океј‘, била Катица? Беше тоа гласот на Катица Јанева?“

    „Да“, потврди Камчева.

    Немам повеќе прашања судија, рече адвокатот на Јанева, по што уследи пауза.

    Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Зоран Милески-Кичеец, исто така, беше обвинет за Примање награда за противзаконито влијание, но тој го призна делото и беше осуден на три години затвор во издвоена постапка. Тројцата ги пријави Орце Камчев дека го рекетирале за да му ја олеснат положбата во истрагата „Империја“, каде што е првоосомничен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари