Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска кажа дека ако Македонија го прекршува Преспанскиот договор ќе бидат загрозени амбициите на земјата за членство во ЕУ.
Зборувајќи на настан од кампањата за изборите за Европскиот парламент, Мицотакис додаде дека трите меморандуми за соработка поврзани со Преспанскиот договор нема да бидат ратификувани во грчкиот парламент ако новата влада во Скопје не го почитува договорот.
„Ако некои веруваат дека може да не го почитуваат договорот, тие треба да сфатат дека нивниот пат до Европа ќе остане затворен, и меморандумите нема да бидат ратификувани ако нема согласност со она што го предвидува договорот“, изјави Мицотакис.
Вчера, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар за состав на Влада Христијан Мицкоски вели дека Преспанскиот договор е дел од македонските институции, Уставот и законите, но дека негово основно човеково право е како ќе ја нарекува државата. Тој вели дека кога ќе дава изјави ќе го користи терминот Македонија, а истото го очекува и од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Мицкоски смета дека на тој начин не се прекршува Договорот од Преспа.