Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва гостувајќи на емисија на Телевизија 24 изјави дека јавноста ќе мора да причека до 30 септември за да види дали тој ќе го бојкотира референдумот или ќе излезе на гласање.
На прашањето зошто тој како лидер на најголемата опозициона партија во земјава не го кажува својот став за референдумот, односно дали ќе го бојкотира или не, Мицковски одговори дека тоа во овој момент воопшто не е важно.
„Ќе мора да причекате до 30 септември и да го видите мојот став. Дали Христијан Мицкоски ќе излезе или нема да излезе на референдумот во овој момент воопшто не е важно. Важно е дека ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не води кампања за овој капитулантски договор. На овој референдум овој таканаречен договор не е дел од референдумското прашање, туку прашањето е трозначно, манипулативно и има задача да внесе забуна кај граѓаните“, изјави вечерва Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа ја соопшти одлуката на неговата партија за референдумот за името на 30 септември, а тоа e секој граѓанин да постапи според сопственото убедување.
„ВМРО-ДПМНЕ, по консултации со граѓаните, за апстиненција или да се гласа против, и со оние помалку што беа да се поддржи договорот, донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување. Секој да донесе одлука што смета дека е најдобра за неговото семејство и за Македонија. На донесенaта одлука сите ќе се поклониме и тоа е тоа“, го соопшти Мицкоски партискиот став за референдумот.
Тој го повика премиерот Зоран Заев на ТВ-дуел, по што Заев му одговори дека ќе ја прифати поканата откако Мицкоски ќе каже јасен став дека е против бојкот на референдумот. Мицковски пак потоа му реплицираше дека ќе му каже што мисли за бојкотот на референдумот на крајот на дуелот.