Нема потреба од воведување на нови дополнителни рестриктивни мерки против ковид-19, односно истите не би дале резултат со оглед на тоа што се наоѓаме на крајот на активноста, на респираторниот вирус, односно на 6. до 8. недела од третиот бран. Ова е заклучокот на епидемиолозите по денешната утринска координација на министерот за здравство Венко Филипче, со директорите на Ковид-центрите и претседателот на Комисијата за зaразни болести, вели Министерството за здравство.
„Според епидемиолозите, тоа значи дека вирусот има широка инфекција на територија на цела држава, но од друга страна во сите болници во државата има слободни кревети. Болничките капацитети за прием на ковид пациенти за разлика од ноември се зголемени за 50%, а зголемена е и потребата од хоспитализација на пациенти што бара сериозен пристап и координација која успешно се менаџира. Стотина кревети дополнително се подготвуваат и во секој момент доколу е потребно може да се стават на располагање за прием на ковид болни. Членовите на Комисијата за заразни болести се во секојдневна координација и комуникација и во текот на неделата ќе одржат состанок. Во текот на периодот кој следува останува да се следи ситуацијата и согласно истата доколку е потребно да се дејствува, тоа ќе се направи“, велат од кабинетот на Филипче.
Министерот вчера кажа дека се подготвуваат кревети на Клиниката за урологија, на Педијатрија и во Заводот за рехабилитација во Козле.
Во изминатите 24 часа, во скопските Ковид-центри се примени 73 нови пациенти, а до 8 часот утрово имало 80 слободни места. Во Скопје лежат 666 пациенти болни од ковид-19. На Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава лежат 1. 577 и има околу 260 празни болнички кревети во Ковид-центрите. Во земјава има 18 илјади активни случаи на ковид-19.
Б. НЕСТОРОСКА