Ќе се гради обиколница околу Кавадарци, одлучи Владата на денешната седница. Јавното претпријатие за државни патишта треба да изработи проектна документација за изградба на обиколницата, која треба да биде долга 14 километри.
Според идејниот проект кој го изработила Општина Кавадарци и им беше презентиран вчера на министерот за транспорт и врски Александар Николоски и директорот на Државни патишта Коце Трајановски, сообраќајницата ќе почнува после Неготино и ќе завршува со регионалниот патен правец кој се врзува за Мајден.
Со овој проект, како што вели министерот Николоски, ќе се реши проблемот со гужвите во градот.
„Дневно низ Кавадарци минуваат од 130-170 камиони и околу 70 автобуси. Сето тоа создава метеж. Со ова сообраќајно решение, освен што овозможуваме побрз транспорт на превозниците, ќе се растеретат и гужвите во градот. Очекувам до крајот на годинава да се направи проектот, па да се распише тендер за изведувач и напролет да стартуваат градежните работи“, вели Николоски.
Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, вчера изјави дека оваа обиколница ќе завршува со регионалниот патен правец кој се врзува за Мајден, каде што земјава има потпишано Меморандум со Грција, и заедно со тамошните министерства се работи за изградба на граничниот премин.
А. АНТЕВСКА