Судскиот совет почнал да ги истражува случаите „Тврдина-Таргет“ и „Трезор“, каде главниот обвинет е поранешниот шеф на тајните служби Сашо Мијалков, а судите во Скопска апелација ги држат во фиока од март односно од април годинава.
Според разговор со судии од Апелациониот суд Скопје, проблемот е кај судиите-известители кои не ги даваат предметите на седница за да се изгласаат по поднесените жалби, и тоа кај судијата Енвер Беџети – известител за „Тврдина-Таргет“ и кај судијката Лирије Елези – судија-известител за предметот „Трезор“.
Во „Тврдина-Таргет“ Мијалков е осуден на 12 години, а во „Трезор“ на 8 години затвор. За „Тврдина-Таргет“, во врска со масовното незаконско прислушување додека бил директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), тој бил амнестиран па одамнестиран од тогашниот претседател Ѓорге Иванов. За „Трезор“, незаконската набавка и надградба на британска опрема за прислушување, не е амнестиран.
„Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ја следи работата на судиите и судовите. Имајќи го предвид интересот на јавноста за ажурно постапување во судските предмети, координаторот од Судскиот совет задолжен за Апелациониот суд Скопје презема дејствија во таа насока, вклучително и за предметите ‘Таргет- Тврдина’ и ‘Трезор’“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Советот.
Координатор за апелационото подрачје Скопје е Тања Чачарова-Илиевска, која е одговорна за преговорите со ЕУ во поглавјето за судството.
Во „Тврдина-Таргет“ меѓу осудените е и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која потпишала налог да се уништи опремата со која биле прислушувани стотици граѓани, за да нема докази за прислушувањето.
Иако најавуваа дека предметите „Тврдина-Таргет“ и „Трезор“ двата совета од по пет судии-кривичари ќе ги пресудат пред летните одмори, до денеска нема одлука за ниту еден од нив.
Се загреаја шпекулациите дека кај и да е, Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур ќе донесе одлуки по тужбите поднесени од амнестираните поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои е и Мијалков. Но, таква одлука нема во Стразбур.
Европскиот суд нема апсолутно ништо најавено на својата веб-страна за предметите против Република Северна Македонија поднесени од амнестираните поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, кои се повикаа на амнестијата на поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов. Нема фиксна временска рамка кога треба да бидат донесени пресуди за овие случаи.
Цело време од Апелациониот суд Скопје се кажуваа две-три исти образложенија за овие два предмета од висок јавен интерес, за кои со месеци нема одлука: те судиите се затрупани со работа, те користат стар одмор, па во петок ќе сретнат, се работи на предметите, па користат нов одмор, дека се работи на предметите, наскоро ќе има одлука… Сега се молчи, сите само креваат раменици на прашањето.
Судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ почна есента 2018. Во февруари 2021 е донесена неправосилна пресуда. Дури во март 2022 се одржа јавна седница во Апелациониот суд по поднесените жалби од обвинетите, односно првостепено осудените во овој базичен предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Судењето, пак, за „Трезор“ стартуваше во февруари 2018. Во април 2021 е изречена првостепената пресуда, а по жалба на јавна седница во Апелација се расправаше во април 2022.
Според последните истражувања, довербата во судството е на најниско ниво досега, само на 8 проценти од населението. Тука се бројат и само 2 отсто што изразиле целосна доверба.
С. К. ДЕЛЕВСКА