ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ НАБАВКА НА НЕКВАЛИТЕТЕН ИНСУЛИН, ЌЕ СЕ МЕНУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА ПАРАЛЕЛЕН УВОЗ НА ЛЕКОВИ

    ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ НАБАВКА НА НЕКВАЛИТЕТЕН ИНСУЛИН, ЌЕ СЕ МЕНУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА ПАРАЛЕЛЕН УВОЗ НА ЛЕКОВИБолните од дијабет се жалат дека инсулините што ги примаат, по два дена од отварањето имаат послабо дејство и дека мака мачат да ја регулираат гликемијата. (Фото:СДК.МК)

    Министерството за здравство ќе ги допрецизира деталите околу тоа како во иднина ќе се набавуваат лекови со паралелен увоз. Од Министерството за здравство велат дека веќе е отпочната постапка за измена и дополна на Законот за лекови и медицински помагала со кои поточно ќе се уредат условите како ќе се набавуваат лекови со паралелен увоз.

    Според надлежните во Министерството за здравство со тоа ќе се реши и проблемот што го имаат повеќе групи на пациенти, кои се жалат дека терапијата што ја примаат е недоволно квалитетна.
    Меѓу пациентите кои последниве неколку години реагираат на квалитетот на терапијата се и болните од дијабетес, кои минатата недела побараа од Агенцијата за лекови и медицински помагала да направи вонредна контрола, како фирмите што согласно последниот тендер од Министерството за здравство, всушност го набавуваат инсулинот со паралелен увоз, и дали се почитува постапката за транспорт и чување на лекот.

    „Инсулините што ги примаме веќе го немаат истото дејство како порано. Се случува по отворањето два дена да има ефект, веќе третиот ден треба да земеме зголемена доза за да ја регулираме гликемијата. Да е на еден или двајца пациенти, ќе се посомневаме дека можеби не знаат као да го чуваат инсулинот. Но, тоа им се случува на многу пациенти, без приота да го менуваат стилот на живот, односно и натаму внимаваат на исхраната и физичката активност. Исто така кај многу лица со дијабетес ненадејно се јавуваат хипергликемии или хипогликемии и тоа многу почесто од порано“, вели Цвете Серафимовски, член на здружението за детски дијабетес „Баланс МК“.

    Тој објаснува дека минатата недела на средбата во Агенцијата за лекови од новото раководство поабарале да се направат вонредни контроли како се набавува, транспортира и чува инсулинот.
    „Побаравеме да направат контрола од аспект на тоа дали со паралелен увоз инсулинот се набавува од официјалните дистрибутери во Турција, бидејќи инсулинот кај нас доаѓа од Турција. Исто така побаравме да се провери дали е запазена процедурата на соодветна темература да се чува и транспортира инсулинот и како потоа тука се чува“, вели Серафимовски.

    Според податоците од здружението во земјава има околу 180.000 лица со дијабетес, од кои 40.000 се на инсулинска терапија. Околу 3.000 од пациентите се со дијабет тип 1, односно дијабетес кој исклучиво се третира со инсулин. Од нив 400 се деца.
    „Кај децата едно инсулинско пенкало може да се употербува и до две недели, зависно од возраста, килажата, храната и физичката активност. Ако по два дена од отворање на инсулинот тој не чини, во случајов најпогодени се токму децата“, вели Серафомовски.

    Од Министерството за здравство велат дека интензивно работат на решавање на овој проблем и дека веќе формирале нова Комисија за дијабетес.
    „Откако ќе стапат во сила законските измени во делот за паралелен увоз на лекови веруваме дека ќе се реши и проблемот со квалитетот на терапијата“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира