Мандатарот Зоран Заев најави дека со партиите од парламентарното мнозинство ќе се потрудат да го состават владиниот кабинет за помалку од 10 дена и да го достават предлогот до Собранието.
„Нема да го чекаме рокот од 20 дена, уште веднаш ќе почнеме преговори со партиите што ги доставија 67-те потписи за мандатот и ќе се потрудиме за помалку од 10 дена да го составиме владиниот кабинет и да го доставиме предлогот до Собранието“, изјави пред малку лидерот на СДСМ Заев, веднаш по добивање на мандатот за состав на влада од претседателот Ѓорге Иванов.
Тој уште еднаш кажа дека новата влада ќе се обиде што побрзо да го укине екстерното тестирање.