ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ЗА МОБИЛНИ ПАТРОНАЖНИ СЕРВИСИ ПО ПРИМЕРОТ НА ШКОТСКА

    ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ЗА МОБИЛНИ ПАТРОНАЖНИ СЕРВИСИ ПО ПРИМЕРОТ НА ШКОТСКАМедицинските сестри за мобилните патронажни сервиси ќе добијат обука со помош од УНИЦЕФ;- Од обуките во Здравствен дом Велес (Фото: Министерство за здравство)

    Медицински сестри ќе се вработуваат во здравствените домови за формирање патронажни служби кои ќе даваат интегрирана здравствено-социјална заштита за жителите во руралните средини и оние што се во социјален ризик, велат од Министерсвото за здравство. Се подготвува јавен повик за ангажирање медицински сестри во патронажна служба, кој треба да биде распишан следната недела. Овие сервиси ќе функционираат по примерот на мобилните патронажни служби што веќе се отворени во Кочани, Ресен и Велес.

    „Идејата е да се зајакнат патронажните служби, кои ќе даваат здравствени услуги во домашни услови пред сè во рурални средини и за лица во социјален ризик, но и секаде каде нема никаква здравствена услуга. Притоа, сакаме да овозможиме услуги не само за мајките веднаш по породувањето, туку и понатаму ако им е потребно, како и на останатите граѓани кои имаат потреба од домашна посета и нега. Вака функцинираат патронажните служби во Шкотска, што при неодамнешната посета на Обединетото Кралство можевме да ги видиме, и тоа сакаме да го имплеметираме тука“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Мобилните патронажни сервиси во Кочани и Ресен беа отворени во рамки на пилот-проектот на Министерството за здравство со Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а ваков сервис во рамки на овој проект треба да се отвори и во Битола. Со овој проект, во тимот покрај здравствени работници има и социјални работници.

    „Денес добивме известување од Агенцијата за одземен имот дека на општата болница со проширена дејност во Кочани за потребите на патронажните сервиси ќе додели две патнички возила, за да може да стигнуваат во оддалечените места каде има потреба од домашна посета“, велат од кабинетот на Филипче.

    Здравствен дом Велес по примерот на овие сервиси со поддршка од Министерство за здравство, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и во соработка со Симулацискиот медицински центар, пред два месеца направи обука на медицинските сестри и почна со давање ваква помош на граѓаните во домашни услови.

    „Сервистите во Кочани и Ресен се отворија во рамки на проектот со УНДП, овој во Велес функционира одлично иако не беше дел од овој проект. Сега правиме подготовки за огласот и ќе видиме колкав ќе биде интересот и каде што може и има потреба ќе формираме вакви сервиси. Во здравствениот дом во Вевчани, на пример, одлично функционира патронажната служба, но во Кратово, на пример, нема. Со помош на УНИЦЕФ ќе направиме обуки и вакви сервиси ќе се отворат секаде каде може и каде има потреба“, велат од кабинетот на Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира