КЛИНИКАТА ЗА ДИГЕСТИВНА ХИРУРГИЈА СТАНА ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА СО 46.300 ЕВРА ОД ЈАПОНСКАТА ВЛАДА

    КЛИНИКАТА ЗА ДИГЕСТИВНА ХИРУРГИЈА СТАНА ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА СО 46.300 ЕВРА ОД  ЈАПОНСКАТА ВЛАДАКлиниката за дигестивна хирургија преку програмата „Грант – помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ од владата на Јапонија доби 46.300 евра; -Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, амбасадорката на Јапонија Кеико Ханеда и министерот за здравство Венко Филипче ( Фото: Министерство за здравство)

    Клиниката за дигестивна хирургија е целосно реновирана и обезбедена е енергетска ефикасност, а дел од средствата за обнова се обезбедени од програмата на јапонската влада „Грант – помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“. Амбасадорката на Јапонија Кеико Ханеда, која денес ги посети клиниките за дигестивна хирургија и за гинекологија и акушерство како и Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, кои исто така добија грантови преку оваа програма, кажа дека во последните 25 години владата на Јапонија преку програмата за мали грантови обезбедила два милиони евра за проекти во здравството во сите региони во земјава.

    „Ги посетив трите установи денес и она што е направено е повеќе од тоа што го очекував“, рече Ханеда.

    Преку оваа програма Клиниката за дигестивна хирургија доби грант од 46.300 евра, а за целосна реконструкција, како што рече вицепремиерот за евророинтеграции Бујар Османи, дополнителни донации обезбедил и директорот на Клиниката Зоран Караџов, кој за време на посетата беше на операција.

    „Денес овде сум во две функции, и како хирург кој е од оваа Клиника, и како национален координатор за странска помош. Задоволството е секако уште поголемо, ако се има предвид дека токму со несебичната помош од владата на Јапонија, но и со несебичното залагање на амбасадорката, денес имаме значително подобрени услови за работа, а кои секако се најважни за нашите пациенти. Владата на Јапонија низ овие 25 години има дадено 450 милиони евра грантови за помош во повеќе области“, рече Османи.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека преку оваа програма пет здравствени установи добиле скоро половина милион евра помош, за набавка на медицинска опрема и за реновирање на објектите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира