КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОХИРУРГИЈА ДОБИ ПРОШИРЕНА И РЕНОВИРАНА ИНТЕНЗИВНА НЕГА

    КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОХИРУРГИЈА ДОБИ ПРОШИРЕНА И РЕНОВИРАНА ИНТЕНЗИВНА НЕГАПокрај реновирање и проширување на Интензивната нега, вработени се двајца анестезиолози и шест медицински сестри, кажа директорот на Клиниката за неврохирургија д-р Владимир Рендевски; - Со министерот за здравство Венко Филипче (Фото: МИА)

    Одделот за интензивна нега на Клиниката за неврохиругија од денес работи со 30 отсто поголем капацитет, односно отсега во него ќе може истовремено да се лекуваат 11 пациенти, а досега капацитетот беше за осум. Директорот на Клиниката за неврохирургија д-р Владимир Рендевски, рече дека одделот е проширен за околу 30 метри квадратни, односно сега зафаќа 140 метри квадратни површина и архитектонски целосно е преуреден.

    Интензивната нега на Неврохирургија е втор по големина ваков оддел во државата и во неа годишно се лекуваат околу 700 најтешко болни пациенти, кои често се и витално загрозени.

    „Направивме целосна климатизација на интензивната нега, со одделна клима комора, со поставување хепа филтри, со одржување соодветен притисок за едно европско интензивно лекување. Поставивме нова гасификација за нови ампули и довод за воздушен кислород за новите респираторни машини. Засега обезбедивме четири нови респираторни машини од добри европски производители, а постоечките респиратори комплетно ги реновиравме. Обезбедивме и 11 нови кревети со сите стандарди за овие тешко болни пациенти“, рече д-р Рендевски.

    Тој објасни дека реновирањето е направено од буџетот на Клиниката, а дека во меѓувреме вработиле и двајца специјализанти по анестезиологија и интензивно лекување, како и шест медицински сестри. Според него одделот располага со доволен број медицински персонал.

    Министерот за здравство Венко Филипче, кој и самиот е неврохирург, рече дека планираат следната година на Клиниката за неврохирургија да воведат две нови методи на работа.

    „Планираме да воведеме хибридна сала со мобилен подвижен ангиограф, и да го набавиме роботот ‘Да Винчи’ за отпочнување со роботска хирургија. Ова се модерни методи, кои го олеснуваат лекувањето на нашите пациенти, го скратуваат времето на престој во болница, а со тоа и самите резултати од лекувањето. Роботот планираме да го набавиме за клиниките: неврохиругрија, дигестивна хирургија, урологија и гинекологија. Со него се изведува роботска хирургија, а предноста е што е минимално инвазивна, самата интервенција пократко трае и пократко е времето за закрепнување на пациентот. За почеток по двајца доктори од секоја од овие клиники ќе ги пратиме на едукација, а потоа ќе следи и набавката на роботот“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари