Осомничениот бизнисмен Сеад Кочан и неговиот адвокат Никола Додевски пред денешниот распит во СЈО ја згрешија вратата и место кај обвинителството влегоа во семкарницата, која што се наоѓа во истиот објект. Адвокатот Додевски му ја отвори вратата на својот клиент од семкарницата, во која се продаваат разни грицки (леблебии, индиски оревчиња, бадеми, лешници…), но брзо сфатија дека згрешиле и веднаш се упатија десно кон вистинската врата. Веднаш до СЈО, на приземјето, освен семкарницата се наоѓа и ресторан со летна бавча.
Пред четири дена, влезот во владата го промаши и премиеротот Зоран Заев, кој место на главниот влез, влезе во едно мало вратиче на кое имаше натпис „службен влез“, пред примопредавањето на функцијата со техничкиот премиер Емил Димитриев.
Бизнисменот Сеад Кочан, кој е првоосомничен во случајот „Труст“, денеска во придружба на адвокатот Никола Додевски повторно дојде на распит во Специјалното јавно обвинителство. Сопственикот на „Трансмет“ беше во СЈО на 26 мај да направи увид во доказите. Во случајот „Труст“ на СЈО, Кочан е осомничен дека го злоупотребил државниот буџет за 17 милони евра.
Кочан ја напушти земјата и речиси два месеци не беше достапен за органите на истрагата, откако Кривичниот суд му одеди 30 дена притвор на 9 март, а се врати во државата откако на 14 мај Врховниот суд му ја укина мерката притвор и беше повлечена потерницата издадена за него. На повторното одлучување за притвор, тој даде гаранција од околу 900 илјади евра и го предаде пасошот за да се брани од слобода.