КОГА БЕШЕ ВО БЕГСТВО МИЈАЛКОВ, ВО КОЛАТА МУ БЕА НАЈДЕНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ТРАМПА НА ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СО АПАРТМАНИ ВО „ПАНОРАМА РЕЗИДЕНС“, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА ВО ЗАВРШНИОТ ЗБОР

    КОГА БЕШЕ ВО БЕГСТВО МИЈАЛКОВ, ВО КОЛАТА МУ БЕА НАЈДЕНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ТРАМПА НА ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СО АПАРТМАНИ ВО „ПАНОРАМА РЕЗИДЕНС“, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА ВО ЗАВРШНИОТ ЗБОРСашо Мијалков беше во бегство два дена, во периодот кога требаше да му биде изречена пресудата за „Тврдина-Таргет“. (Фото: СДК.МК)

    Откако тројца од обвинетите Орце Камчев, Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачевски – кум на Груевски детално го потврдија обвинителниот акт за предметот „Плацеви на Водно“, а сами останаа обвинетиот Сашо Мијалков и неговиот братучед, првообвинетиот Никола Груевски, обвинителката Лиле Стефанова побара затворски казни за двајцата за плацевите и становите на Груевски.

    „Покрај кривичното дело перење пари, на Груевски му се става на товар и противправно стекнување имот и негово прикривање. Дополнително, тој се крие и е во бегство, па оттаму барам да му се одредат највисоките пропишани казни”, рече Стефанова.

    Потоа таа продолжи за Мијалков.

    „Мијалков ги негираше сите сведочења кои го посочуваа него како организатор на купувањето на имотот за Никола Груевски, знаел дека парите потекнуваат од кривично дело, а сепак организирал како да ги купи плацевите и како потоа да прикрива дека се негови. При претрес на неговото возило, кога беше во бегство, во кутија беа пронајдени токму договорите со ‘ССИ Инвестмент’ за трампање на плацевите за апартмани од 750 квадрати во ‘Панорама Резиденс’ на Водно”, кажа Стефанова.

    Мијалков беше во бегство два дена во февруари минатата година, пред да му биде изречена пресудата за „Тврдина-Таргет“. Потоа тој сам се пријави во обвинителството, по што беше спроведен во куќен притвор.

    За Ристо Новачевски, Стефанова потенцирше дека е единствениот обвинет кој од самиот почеток ги опишал кривичните дела, настаните, признал, и дека уште во истрагата посочил како се одвивале сите дејствија.

    „Неговата одважност ја ценам како исклучително значајна и сметам дека кај него се исполнети условите за казна која ќе биде условена”, кажа обвинителката.

    Иако признаа на крајот, сепак изјавите на обвинетите Ненад Јосифовиќ и на Јордан Камчев, придонесоа за утврдување на фактичката состојба и се значајни, продолжи Стефанова.

    „Предлагам за нив минимални казни од пропишаните за делата за кои се гонат”, кажа таа, без да го спомне зборот „условени”.

    За мајката на Орце, обвинетата Ратка Камчева, Стефанова кажа дека го повлекува обвинението поради застареност на делото за кое е обвинета.

    Претходно, во завршен збор Лиле Стефанова кажа дека првата работа која преку доказите се утврди во овој судски процес, е дека обвинетиот Никола Груевски во 2012 година за себе преку фирмата „Сирах инженеринг“ си купил имот на местото Шербетница на Водно.

    „За ова потврдија обвинетите Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, но и сведоците Серјожа Марков, Миле Јанакиески, Александар Јанакиески и Мартин Протоѓер. Сашо Мијалков во целост учествувал во овој процес, помагајќи му на Груевски да се купи земјиштето, а тој да не биде изложен никаде. Средил како тој имот да биде преземен од Камчев откако јавноста дознала, а учествувал и во натамошното прикривање и размена со три апартмана во ‘Панорама резиденс’”, кажа Лиле Стефанова во завршниот збор.

    Се осврна и на тоа откај му се на Груевски над 1,3 милиони евра за плацевите.

    „Се поставува прашањето од каде му се на Груевски над милион и триста илјади евра за да го купи имотот, кога тука ги видовме неговите примања, тие на сопругата и неговиот анкетен лист. Присвоил од парите од уплаќаната членарина од членството на ВМРО-ДПМНЕ, кои му се доверени како лидер, од донации, за да си ги купи плацевите. За тоа сведочеа Мартин Протоѓер, Миле, Гордана, Влатко Чинговски”, потсети обвинителката.

    Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев точно ги опишаа дејствата опишани во обвинението, што им се ставаат на товар на обвинетите Никола Груевски и Сашо Мијалков.

    Таа на ова судење изнесе докази потврдени со сведоци, дека Груевски со платата од околу 75.000 денари се стекнал со: два стана во кои живее, два на мајка му, уште два стана кои ги владеел тој, но биле под други имиња.

    „Под едно од тие имиња е купен уште еден плац на Водно од 2.700 метри квадратни на која требало да се изгради куќата. На име на Ристо Новачевски, пак, освен фирмата ‘Сирах инженеринг’ што си ја отворил Груевски на негово име, го купил и плацот во Крушево, на кој требало да гради куќа еден ден кога немало да биде премиер. Барам овој привремено замрзнат имот Судот да го конфискува. Да ги конфискува и апартманите во ‘Панорама Резиденс’”, кажа Стефанова.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира