КОЈ ЌЕ НИ ПЛАЌА НАМ КАМАТА ПОРАДИ МОРАТОРИУМОТ, ПРАША ИНВЕСТИТОР СРЕДЕ ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН

    КОЈ ЌЕ НИ ПЛАЌА НАМ КАМАТА ПОРАДИ МОРАТОРИУМОТ, ПРАША ИНВЕСТИТОР СРЕДЕ ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОНЗоран Павлов, министрите Хусни Исмаили, Едмонд Адеми, Насер Нуредини, Ана Павловска и Мартина Блинков на расправата за Нацрт-планот за управување со Охридскиот Регион. (Фото: К. Попов)

    Технички забелешки околу изготвувањето на Нацрт-планот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот Регион се кажаа на правата јавна расправа која ја организираа Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство.

    Расправата ја отворија министрите Насер Нуредини, Хусни Исмаили и Едмонд Адеми, кој е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, по што тие ја напуштија салата во Клубот на пратеници, поради како што рекоа службени обврски, а планот го презентираа Ана Петровска од МЖСПП и Зоран Павлов од Комисијата за управување со културното и природното наследство за Охридскиот Регион.

    Искра Стојановска од еколошкото здружение „Фронт 21/42“ реагираше околу тоа според кој закон е правен Нацрт-планот, со оглед на тоа, како што рече таа, дека Законот за Охридското Езеро и Законот за Охридскиот Регион се повлечени и стопирани, па дискусијата кај присутните се рашири околу тоа дали е законски планот или не и дали бадијала се седи на јавната расправа. На тоа реагираше пратеничката Надица Корубин и кажа дека планот е изготвен според постоечкиот Закон за Охридското Езеро, а Стојановска побара да ѝ се одговори електронски за која законска регулатива се работи.

    Од денешната јавна расправа со министрите, експертите и невладиниот сектор во Скопје.  (Фото: К. Попов)

    „Прво, мора да се направи ревитализација на вредностите. Државата доби втора шанса и срамота е да не се искористи шансата да се спаси Охридскиот Регион. Да се престане со таа фарса за мораториум и да се почне со работа“, кажа Стојановска.

    На дебатата присуствуваше и инвеститор од Охрид, кој се пожали дека подигнал кредит за градење на објекти, но поради мораториумот плаќа камати и му стојат неизградени зградите.

    „Сѐ е стопирано поради УНЕСКО. Ние што да правиме? УНЕСКО стана како некој вид на страшило“, рече инвеститорот.

    Директорот на Управата Ацо Костов, побара од Петровска и Павлов да ѝ објаснат на пошироката јавност зошто Нацрт-планот неколку пати е враќан од УНЕСКО, и на што се однесуваат нивните забелешки. На тоа Петровска и Павлов не одговорија конкретно, туку кажаа дека досега имале многу мала заинтересираност од надлежните институции и општините за соработка, туку дека единствено соработувала Општината Дебарца.

    „Тоа беше порано, но сега имаме голем интерес од сите институции, од граѓаните и од невладиниот сектор, и сме отворени за сугестии и предлози“, рече Петровска.

    Министерот Адеми кажа дека се очекува планот да биде готов до крајот на годината.

    Јавните расправи ќе продолжат утре во Охрид во 12 часот, и во Струга во 15:30 часот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари