КОМИСИЈАТА БАРАШЕ ПОГОЛЕМИ РЕСТРИКЦИИ ЗА БАЈРАМ, НЕ ЗНАМ ЗОШТО ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ПОИНАКУ, РЕЧЕ ЕПИДЕМИОЛОГОТ КАРАЏОВСКИ

    КОМИСИЈАТА БАРАШЕ ПОГОЛЕМИ РЕСТРИКЦИИ ЗА БАЈРАМ, НЕ ЗНАМ ЗОШТО ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ПОИНАКУ, РЕЧЕ ЕПИДЕМИОЛОГОТ КАРАЏОВСКИ„ Во април Европа ги попушташе мерките очекувајќи дека мерките ќе се почитуваат и кај нас. Но, крајно сум разочаран“, рече епидемиологот и претседател на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски. (Фото: Влада на РСМ)

    Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски вели дека непочитувањето на мерките, неносењето на маска, групирањето и ифтарските вечери „ни се удрија од глава како бумеранг“, претставувајќи ја епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје. На прес-конференција, и министерот за здравство Венко Филипче кажа дека растот на новозаболени се должи на непочитувањето на мерките од пред две недели, т. е како што рече, 23, 24 и 25 мај. Според епидемиолошките анкети и анализи, околу 65 отсто од заболените со коронавирус во Скопје се поврзани со познат случај, а 90 отсто од нив спаѓаат во 41 кластер. До пред вториот бран, како што рече директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери, во Скопје имало 15-20 кластери.

    На новинарско прашање зошто Комисијата препорачала олеснување на мерките пред Рамазан Бајрам, Караџовски потсети дека комисијата имала други препораки, но не може да знае, како што рече, што се случило на Главниот кризен штаб во Владата и зошто не беа послушани нивните препораки. Комисијата тогаш предложи полициски час од сабота од 19 часот до вторник до 5, но Владата одлучи дека полицискиот час треба да почне од недела од 11 часот до вторник до 5 часот.

    Во изминатите 24 часа се направени 702 тестирања, и регистрирани се 127 нови случаи на КОВИД-19 во земјава. Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја се 3.152, оздравени пациенти се 1.653, починати се 156, а активни случаи во земјата има 1.343.

    „Ние како Комисија не ја променивме стратегијата од почетокот на епидемијата. Во април Европа ги попушташе мерките, очекувајќи дека мерките ќе се почитуваат и кај нас. Но, крајно сум разочаран“, рече епидемиологот.

    Караџовски говореше дека во својата кариера работел со 13 министри за здравство, со 9 директори на Центар за јавно здравје, неколкупати потенцираше дека Комисијата е советодавно тело на министерот за здравство, а одлуките за мерките ги носи главниот кризен штаб на Владата.

    „Не сум убил никого за да чувствувам одговорност, комисијата е именувана од министерот за здравство, кој утре може да нѐ разреши. Треба некој да ми каже зошто се бара оставка од мене.“, одговори Караџовски на прашања на две национални телевизии дали чувствува одговорност за растот на бројките и дали ќе поднесе оставка.

    Владата утре ќе одлучува дали во Скопје, Куманово, Тетово и Штип ќе се воведе полициски час секој ден од 22 до 5 часот.

    Денеска, Комисијата за заразни болести ѝ препорача на Владата враќање на органичувањето на движење во Скопје, Куманово, Штип и Тетово, каде има голем број активни случаи на КОВИД-19. Предлогот за враќање на полицискиот час во овие места е најмногу за да се ограничи движењето на младите, поради тоа што тие неконтролирано се собираат и групираат, а сендвичарите, пицериите и пекарите, сите работат и по 22 часот, практично цела ноќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира