КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ЌЕ ГИ МОБИЛИЗИРА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ДА ПОМОГНАТ ЗА ДА НЕ СЕ ВРАТИ ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС

    КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ЌЕ ГИ МОБИЛИЗИРА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ДА ПОМОГНАТ ЗА ДА НЕ СЕ ВРАТИ ПОЛИЦИСКИОТ ЧАСАко и градоначалниците не успеат да ги вразумат граѓаните да ги почитуваат мерките за носење маски и одржување дистанца, ќе мора да се вратат построгите рестриктивни мерки, па дури и полицискиот час. - Полицајци на велосипед на плоштадот во Скопје (Фото: К. Попов)

    Комисијата за заразни болести на утрешниот состанок ќе ги повика локалните власти за да помогнат во справување со новиот бран на новозаразени, бидејќи коронавирусот веќе е раширен насекаде. Во комисијата сметаат дека здравствените работници не смеат да се остават сами и дека ако и градоначалниците не успеат да делуваат на свеста на граѓаните да ги почитуваат мерките за носење маски и одржување дистанца, ќе мора да се вратат построгите рестриктивни мерки, па и полицискиот час.

    „Мерките се тие, и без разлика дали е Чаир или Струмица, мора да се почитуваат – изолација, маски, дистанца… Луѓето имаат решенија за изолација и шетаат наоколу. Критични точки се пазарите, автобусите од градски и меѓуградски превоз, како и парковите. Не е проблем обичното шетање во парк, или возење велоспиед. Проблем се собиранките и забавите. Како да ги натераш граѓаните да не прават журки, а да не преземеш рестриктивни мерки? Ако не се освестат, ќе треба да ги вратиме мерките“, вели д-р Александар Стојанов, специјалист епидемиолог од Центарот за јавно здравје Скопје.

    И директорката на здравствениот и санитарен инспекторат Ирена Сотирова-Бухова на денешната прес-конференција во Владата рече дека зголемениот број новозаразени е исклучиво од непочитување на препораките и недавање контакти.

    Изминативе денови секаде во регионот почнаа да растат бројките откако се олабавија или укинаа рестриктивните мерки. Во Црна Гора и Словенија, кои прогласија победа на коронавирусот, повторно има нови случаи, исто како и во Хрватска, каде извесен период немаше нови случаи. Во Косово и Албанија има голем пораст на бројките, а во Србија не паѓа бројот на новозаболени. Раст на нови случаи има и во Бугарија.

    Д-р Стојанов вели дека стратегијата за справување со коронавирусот мора да биде регионална, дека вирусот не познава граници. Тој потсети дека во 1996 година, кога во Албанија и северна Грција се појавила епидемија на полио, во Македонија се правела вонредна вакцинација.

    „Ние немавме случаи, но правевме вонредно вакцинирање, бидејќи во вакви ситуации не може да се зборува за граници“, вели д-р Стојанов.

    Според него, и Светската здравствена организација (СЗО) од почетокот на пандемијата испраќаше конфликтни пораки кои често делуваа збунувачки. Првин советуваа да не се затворат границите, па потоа да се затворат, прво рекоа дека не треба да се носат маски, па препорачаа дека треба…. СЗО мора да го гледа целиот овој регион како целина, не поединечно држава по држава, вели тој.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира