Навивачката група „Комити“ вечерва излегоа на протестен марш, барајќи како што рекоа правда за нивниот член Никола Саздовски-Саздо, кој беше претепан во населбата Автокоманда и подоцна почина од повредите.
Протестниот марш почна на плоштадот во населбата Автокоманда, од каде „Комитите“ со слика од момчето и пароли „Правда за Саздо“ дојдоа пред Основното јавно обвинителство. Пред Обвинителството, оставија негова слика и запалија свеќи, а говор и молитва за починатото момче држеше отец Ивица.
Навивачата група побара од Обвинителството целосно расчистување на случајот.
„Сакаме правдата да излезе на виделина. Тие што го извршија убиството да бидат осудени по законот и уставот на Република Македонија, како што беа осудени оние што го извршија нападот на Зијадин Села“, рекоа членовите на навивачката група „Комити“.
Протестот од пред Обвинителството потоа продолжи пред Министерството за внатрешни работи.
Никола Саздовски (21) од скопската населба Кисела Вода беше претепан до смрт на 29 јуни околу 17,30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар Александар Македонски во Автокоманда.
Двајца од осомничените за нападот се во притвор, третиот сè уште е недостапен за полицијата.
Мината среда двајца осомничени Б. Б. (20) и С.Д. (21) од затворот во Шутка беа донесени на прв распит во Скопското обвинителство. Обвинението за напаѓачите е насилство со тешки телесни повреди.