КОНЕЧНО ПРОРАБОТИ ЕДИНСТВЕНИОТ БРОЈ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ 112, ЗА ПОЧЕТОК САМО ВО СКОПЈЕ

    КОНЕЧНО ПРОРАБОТИ ЕДИНСТВЕНИОТ БРОЈ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ 112, ЗА ПОЧЕТОК САМО ВО СКОПЈЕОтсега итна помош во која било ситуација може да се добие само со вртење на бројот 112. (Фото: К. Попов)

    Од денеска, конечно функционира единствениот број за итни случаи 112. Со тоа, сега помош може да се добие само со вртење на бројот 112, наместо да се врти на четири броеви за итни случаи 192 – Полиција, 193 – Пожарна, 194 – Брза помош и 195 – Центар за управување со кризи (ЦУК). Потоа повикот ќе се пренасочува преку системот кон оној за кого е наменет.

    „За почеток бројот 112 ќе функционира само на територијата на град Скопје, а после 10 дена откако ќе го тестираме системот и низ цела држава. Досегашните броеви за помош 192, 193, 194 и 195 ќе функционираат уште најмалку една година, додека не бидеме сигурни дека граѓаните знаат дека како сите земји на Европската унија имаме единствен број за помош“, рече Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи на презентацијата на бројот 112.

    Со воведувањето на бројот 112, сите повици од цела држава ќе се примаат во главниот центар сместен во просториите на ЦУК. Од таму повиците ќе се пренасочуваат кон оној за кого е наменет повикот. Опремата за функционирање е набавена  со донација од ЕУ во висина од 1,5 милиони евра.

    Ќе постојат осум центри и тоа главниот во Скопје, потоа во Тетово, Битола, Штип, Велес, Охрид, Струмица и подоцна во Куманово. Примателот на повикот треба да ја води жртвата и да одржува контакт додека стигнат екипите. Примателот на повикот веднаш информацијата за несреќата ја праќа до Полиција, Брза помош и Пожарна. Сите повици ќе бидат снимени за да се избегне неодговорно однесување.

    Проектот Европски број за итни случаи почна да се имплементира уште во 2006, веднаш по формирање на Центарот за управување со кризи како посебно владино тело. Тогаш била набавена автоматска телефонска централа за потребите на Центарот, како и 8 помали телефонски централи за главните осум регионални центри. Набавени биле компјутери, лаптопи и опрема за владините тела, управувачкиот комитет и групата за проценка. Во зградата на Дирекцијата и Центарот било извршено комплетно телекомуникациско поврзување со опрема. Во 2007 со јавен меѓународен тендер за имплементација на бројот 112 била изработена физибилити студија, а од Владата беше формиран надзорен одбор за следење на имплементацијата.

    Оттогаш до 2016, и покрај напорите на ЦУК за реализација на овој проект, не се започна со негова имплементација. Пред неколку години Владата повторно го отвори ова прашање и се почна со работа за  имплементација.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира