КОНЕЧНО ЗАЛИЧИ СОБРАНИЕТО, ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ПРЕДЛАГААТ ПОЗНАТИ ПРАВНИЦИ ЗА СУДИИ ВО УСТАВНИОТ СУД

    КОНЕЧНО ЗАЛИЧИ СОБРАНИЕТО, ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ПРЕДЛАГААТ ПОЗНАТИ ПРАВНИЦИ ЗА СУДИИ ВО УСТАВНИОТ СУДДенеска треба да се случи продолжение на прекинатата седница на Комисијата, уште од лани летото кога претседател беше Костадин Костадинов, а во меѓувреме се пензионираше уште еден уставен судија, за што ќе се закаже нова седница на комисијата (Фото:СДК.МК)

    Почна седницата на Комисијата за избори и именувања, на која треба да се предложат до 120-те пратеници три имиња – кандидати за судии во Уставниот суд. Иако членовите на Комисијата за избори и именувања тврдеа дека официјално не ги добиле предлозите за тројца уставни судии, од четири упразнети места, истече списокот на предложените имиња од власта и опозицијата – сите истакнати правници и професори.

    Покрај Јавниот обвинител Љубомир Јовески за кого политичките субјекти имаат релативно коректен однос за разлика од неговите претходници, како предлог од опозицијата доаѓа неговиот колега Тодор Витларов, поранешен претседател на Советот на јавни обвинители. Двајцата немаат дамка во работата.

    Власта го предлага и апелациониот судија Фатмир Скендер, кој работи во граѓанскиот оддел, кој според правниците, исто така не е спорен кандидат. Опозицијата за уставен судија го предлага професорот Саво Климовски, поранешен пратеник и претседател на Собранието. Поранешната пратеничка функција беше пречка Цветанка Иванова да биде предложена за кандидат за уставен судија.

    Најмалку позната меѓу овие истакнати правници е Татјана Васиќ, за која се знае само дека била исклучителен познавач на правото, односно оживувач на „мртви“ и пасивни сектори каде што работела низ годините, додека на власт биле ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ (во Министерството за здравство, во Министерството за правда, во Државниот завод за ревизија, пак назад во Здравство…).

    Опозицијата ја предлага и професорката по Граѓанско право Родна Живковска. Како предлог на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа и пензионираниот претседател на Основниот суд Гостивар Бранко Секуловски, кој последен пат во јавноста зборуваше на промоцијата на книгата „Колумни“ на професор Ѓорѓе Марјановиќ.

    Денеска треба да се случи продолжение на прекинатата седница на Комисијата, уште од лани летото кога претседател беше Костадин Костадинов (сега градоначалник). Во меѓувреме се пензионираше уште еден уставен судија, но за тоа место треба да се закаже нова седница.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира