Синдикатот на контролори на летање најавува штрајк за 12 октомври поради наталожени проблеми од раководството на МНАВ, лоши услови за работи и наместени огласи. Тврдат дека поради стара техника, авиосообраќајот над небото на Македонија ова лето бил принудно намален.
Синдикатот обвинува за партиско-клиентелистичко вработување на луѓе по нарачки, плус со несоодветно образование, до степен на превработеност во Контролата на летање. Моменталната состојба според Синдикатот е до повик: „Која мајка изгубила дете, да дојде да си го најде во МНАВ“.
„Најостро реагираме на досегашните неправилности во професионалниот дел – на начинот на селекција, на прераспоредувањето на портирите преку ноќ во Контролата на летање, како советници на советниците за советнички прашања, потоа на измислени работни места во одделот за човечки ресурси, како помошници на контролорите за летање, што ние потоа ги обучуваме, итн. Првин раководството распишува оглас, па без наше присуство, со нивна т.н. селекција, вработуваат како портири. Преку ноќ не известуваат: ’Од утре имате нови на обука’. Со тоа, платата преку ноќ им расте за 30.000 денари на тие несудени портири. Имавме случај кога една новопримена колешка денеска беше чувар, третиот ден дојде во Контрола на летање со плус 500 евра плата, четвртиот ден отиде на породилно отсуство“, вели Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање.
Контролорите побарале да се распише тендер за да дојде сертифицирана странска фирма која ќе направи финансиска и сеопфатна анализа, споредби со европските контроли на летање, па да каже колку вработени се потребни, какви профил, дипломи и звања, сето тоа со цел нормално функционирање на овој многу важен сегмент не само за нашата држава, туку и за меѓународниот авиосообраќај на кој сме дел.
Тројцата директори распишале оглас, ама ставиле вредност само 8.000 евра, за никој да не се пријави. И не само тоа, огласот траел само 5 дена, за да не може никој ни документи да собере.
„За анализа која би траела најмалку 6 месеци, со експерти од странство со такво искуство, кои би спиеле, т.е. живееле подолг период во Скопје вие да напишете само 8.000 евра, ептен треба да имате желба на огласот да не се пријави никој“, вели претседателот на Синдикатот.
Едно од приоритетните барања со најавениот штрајк е отсега сите огласи за вработување да не бидат пократки од 15 дена. Досега траеле само по три дена, зашто, Синдикатот се сомнева дека биле најверојатно наместени. Огласите најчесто биле објавувани во петок, а затворани во понеделник, да не може тие што не треба да влезат да ги видат, а камо ли пак да извадат документи за неосудуваност.
Тасевски обвинува и дека раководството наместо да купи нов систем за контрола на летовите и да се замени постоечкиот од 1999 година, одлучило да потроши речиси 500.000 евра за реновирање стара гаража за службени возила, на која дури и плочки ѝ залепиле. Со тие пари тамам нова зграда за контрола на летање ќе се изградеше, реагира Синдикатот на контролори на летање.
Употребната дозвола за гаражата од пола милион евра едвај е добиена и таа имала привремен карактер.
„Ова лето опадна капацитетот на летови, бидејќи техниката стара 22 години не можеше да покрие толку авиони. За да не прегрее системот, ги одбивавме барањата за прелети“, вели Тасевски.
Во 1999 година Македонија била лидер на Балканот со системот за контрола на прелети. Оттогаш Србија има сменето 5 системи. Во 2014 година бил набавен понов систем, но дури сега бил донесен за инсталирање. Сега и тој е застарен.
Штрајкот на контролорите ќе биде и поради лошите услови за работа.
„Подолго време нема вода за пиење, ниту за миење, а ни за физиолошки потреби во Контролата на летање. Капаците на веце школките се спуштени, зашто притисокот е или слаб, или воопшто нема вода. Тоа е проблем што може да се реши со 2-3.000 евра“, реагираат од Синдикатот.
Директорот Фахрудин Хамиди во куса изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК за сите овие работи кажа дека нема да одговара поединечно, од причина што го почитува правото на штрајк. Вели дека интензивно се работи на решавање на сите овие проблеми и за тоа е во постојана комуникација со Синдикатот и со Здружението на контролори на летање.
С. К. ДЕЛЕВСКА