КОНЗОРЦИУМОТ ЕВН МАКЕДОНИЈА И ЕВН ЕЛЕКТРОСНАБДУВАЊЕ СО НАЈНИСКА ПОНУДА НА АУКЦИЈАТА ЗА УНИВЕРЗАЛЕН СНАБДУВАЧ СО СТРУЈА

    КОНЗОРЦИУМОТ ЕВН МАКЕДОНИЈА И ЕВН ЕЛЕКТРОСНАБДУВАЊЕ СО НАЈНИСКА ПОНУДА НА АУКЦИЈАТА ЗА УНИВЕРЗАЛЕН СНАБДУВАЧ СО СТРУЈАМинистерот за економија Крешник Бектеши кажа дека универзалниот снабдувач ќе ги снабдува граѓаните со електрична енергија наредните 5 години. (Фото: СДК.МК)

    На електронската аукција за избор на универзален снабдувач со електрична енергија од двете компании кои доставиле понуди на огласот најниска маржа понудил конзорциумот „ЕВН Македонија“ и „ЕВН електроснабдување“, односно 11,5 отсто, кажа претседателот на комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач академик Глигор Каневче.

    Тој кажа дека на огласот понуда покрај ЕВН, понуда дал и ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ Скопје и дека и двете понуди ги исполниле условите од тендерската документација поради што и двете компании добиле понуда да учествуваат на електронската аукција, која се одржа денес.

    „По спроведената аукција најниска маржа даде понудувачот конзорциумот „ЕВН Македонија и ЕВН електроснабдување“ со најниска маржа од 11,5 отсто. Комисијата официјално ќе достави извештај до Владата со предлог одлука за избор на најповолна понуда. Се надеваме дека Владата на првата наредна седница ќе ја донесе одлуката за избор на најповолен понудувач и ќе биде повикан да склучи договор“, рече Каневче.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кажа дека цената на профитната маржа од почетната цена на акцијата од 14,4 отсто на аукцијата се намалила на 11, 5 отсто и дека тоа од тоа ќе имаат бенефит граѓаните.

    „Со либерализацијата се заштитуваат граѓаните од ценовните шокови, а се либерализира просторот за малите компании кои се очекува да имаат помала цена на електрична енергија од таа што досега ја плаќале, оти малите и средните компании се носители на транзициониот период на економијата“, рече Анѓушев.

    Тој кажа дека досегашната профитна маржа не може да се спореди со новата понуда, бидејќи ЕВН се однесувала монополски оти Регулаторната комисија досега во цената им ги признавала сите трошоци.

    „Претходно во пресметката на цената влегуваа сите оперативни трошоци на компанијата и Регулаторната комисија за енергетика и даваше маргина над тие трошоци. Механизмот на пресметка сега е различен односно во неа влегува само цената на струјата на тендерска постапка, а над тоа е маргината. Во Маргината сега влегуваат сите ненаплатени побарувања и сите трошоци, а за нив тоа што ќе остане над тоа. Со сегашниот начин на пресметка нема признавање на нереални трошоци и сега треба сами да работат за да ги намалат трошоците за работа“, рече Анѓушев.

    Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека универзалниот снабдувач ќе ги снабдува граѓаните со електрична енергија наредните 5 години.

    Граѓаните како што досега плаќале сметки, така ќе продолжат и понатаму.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира