КООРДИНАТОРОТ НА ДУИ ЕЈУП АЛИМИ И СОПАРТИЕЦОТ ИСМЕТ ГУРИ ВО „ТИТАНИК 3“ ПОБАРАА ДА СЕ ИЗЗЕМЕ ФАТИМЕ ФЕТАИ ЗАШТО Е СКАРАНА СО КАТИЦА ЈАНЕВА

    КООРДИНАТОРОТ НА ДУИ ЕЈУП АЛИМИ И СОПАРТИЕЦОТ ИСМЕТ ГУРИ ВО „ТИТАНИК 3“ ПОБАРАА ДА СЕ ИЗЗЕМЕ ФАТИМЕ ФЕТАИ ЗАШТО Е СКАРАНА СО КАТИЦА ЈАНЕВАСудијката Марија Клетничка аде едночасовна пауза за да донесе одлука по барањето на одбраната. - Обвинителката Фатиме Фетаи; Обвинетиот Ејуп Алими (Фото: СДК.МК)

    Обвинетите за уништување изборен материјал, Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ, и сопартиецот Исмет Гури на денешното судење за „Титаник 3“ побараа преку адвокатите да се изземат обвинителите од СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски поради кавгата на Фетаи со нејзината шефица Катица Јанева.

    „Конфронтацијата и отворените несогласувања меѓу ополномоштените обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски и нивната претпоставена Катица Јанева е основ да се бара изземање“, рече адвокатот Еленко Миланов.

    Судијката Марија Клетничка, која е втор судија во овој процес од кој претходно се иззеде судијката Оља Ристова, првин кажа дека е нејасно барањето на обвинетите и нивната одбрана, а потоа кога тие повторно го образложија барањето за изземање поради кавга во СЈО меѓу Јанева и Фетаи, за која адвокатите прочитале во медиумите, таа даде едночасовна пауза за да донесе одлука.

    Како што кажа Фетаи на почетокот на судењето, обвинетите Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ, водени од партиската и сопствената жед за политичка моќ, насилно и не бирајќи средства влијаеле врз изборните резултати во 2013 година во Општина Чаир.

    Обвинителката тогаш кажа дека обвинетите, незадоволни од изборните резултати на нивната партија, со криминален нагон ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на општина Чаир.

    „Обвинетите не бирале средства при формирањето на група која требала да генерира поголем изборен резултат. Како во изреката ’морковот и стапот‘, обвинетите на сведоците им велеле ’доколку не го сториш ова нема да поминеш добро‘ и ’имаме договор со ВМРО, ништо нема да ви се случи‘. Со тоа создале страв кај членовите на групата“, рече обвинителката Фетаи.

    Обвинетите на Алими и Гури се изјаснија дека не се виновни за делото за кое се обвинети.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари