ФАТИМЕ ЈА ПЛУКНАЛА КАТИЦА ПРЕКУ КАМЕРА

    ФАТИМЕ ЈА ПЛУКНАЛА КАТИЦА ПРЕКУ КАМЕРАСпецијалната обвинителка Катица Јанева дала наредба да се претресува секој вработен, при секој влез и излез во зградата на СЈО. - Катица Јанева и Фатиме Фетаи на прес-конференција на СЈО (архивска фотографија)

    Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи по наредба на Специјалната обвинителка Катица Јанева била два пати денеска претресувана при влез на своето работно место во СЈО. Кога полицаецот на влезната врата и објаснил дека има наредба од Јанева да го претресе секој вработен, при секој негов влез во зградата на СЈО, Фетаи, велат очевидци на настанот, се шокирала и реагирала многу бурно.

    „По вториот претрес, обвинителката Фетаи првин луто гледаше во безбедносната камера, која е поврзана со канцеларијата на шефицата Јанева. Беше многу навредена. Потоа ја плукна камерата и рече: ’Пу, јаз’к!‘“, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК очевидци на настанот.

    Фетаи потоа се стрчала горе во нејзината канцеларија да бара објаснување зошто Јанева ги понижува обвинителите и вработените во СЈО на ваков начин. Но, не ја нашла. По извесно време пак отишла кај неа, но наишла на затворена врата. Секретарката не ја пуштила внатре.

    Тензијата меѓу Јанева и нејзините помошници – обвинители трае уште од понеделникот, велат извори во СЈО. Според нив, Јанева кога се вратила од одмор ги викнала на колегиум обвинителите кои во тој момент биле на работа, оти друга група е на годишен одмор. Не им дала одговор на бројните дилеми околу нејзината поврзаност со „Рекет“ и со притворениот Бојан Јовановски. Според присутни лица на мини-колегиумот тоа утро,

    Јанева им кажала дека сите контакти со Јовановски биле за доброто на институцијата. Побарала од нив и ги советувала дека треба да застанат на нејзина страна, „за доброто на институцијата“, оти ако потоне таа, ќе потонат и тие со неа.

    Јанева идниот вторник е повикана на сослушување во Обвинителството за организиран криминал и корупција. И покрај тоа што досега на повеќе начини го прекрши кодексот на обвинители, а не се знае ни од вторник каков статус ќе има таа во истрагата за „Рекет“, Собранието и Комисијата за избори и именувања уште не свикале итна седница за состојбите со Специјалната обвинителка Катица Јанева, да ја разрешат, а уште помалку да зборуваат за избор на нов специјален обвинител.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари