Коронавирус имала и велешанката Катица Маноилова (79) која во понеделникот беше најдена мртва заедно со синот во нејзиниот стан, потврди министерот за здравство Венко Филипче на попладневната прес-конференција. Нејзиниот син Ванчо (53) имал негативни резултати на коронавирусот. Обдукцијата на телото од Институтот за судска медицина, која ја нареди ОЈО Велес, покажала дека жената умрела на почетокот на јануари, што ја отвора дилемата од кога КОВИД-19 е присутен во Македонија.
„Пронајден е вирусот во примерок од дишното стебло, но тешко е да се каже што е директната причина за смртта. Не е исклучена можноста вирусот да бил присутен и во земјава порано, имајќи во предвид што има сè повеќе публикации дека има и асомптоматски носители на вирусот“, кажа Филипче.
Министерот посочи дека годинава имаме „осетно зголемен број на пациенти од сезонски грип, 37 илјади годинава, наспроти дваесетина илјади, историски гледано повеќе години наназад“.
Претходно на пладневната прес конференција, градоначалникот на Велес Аце Коцевски објави дека двајца пожарникари кои интервенираа во станот на Маноилови се во самоизолација.
„Пожарникарите немале никаков директен контакт со починатите, тие ја обиле врата по барање на полицијата, а по реакција на соседите дека се шири реа. Затоа побаравме да им биде земен брис“, изјави Коцевски.
Соседите во понеделникот ни кажаа дека жената и синот ги немале видено од почетокот на годинава.
П. ПЕЧКОВ