Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, преку видеообраќање уште еднаш го осуди инцидентот со непоставувањето македонско знаме на средбата помеѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во Софија на 13 септември, откако лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов побара Николоски да си даде оставка оти изрекол навреди кон Бугарија и бугарскиот народ и се закани дека ако Николоски не се извини, треба да престанат сите разговори со новата македонска влада.
Николоски вели дека корумпирани политичари од Бугарија сакаат да ги расипат односите помеѓу двете земји, ја користат Македонија како предизборна тема и оти Бугарија не сака земјава да стане членка на ЕУ.
„Од мене бараат оставка политичари кои се обвинети за криминал и корупција, политичари кои ги видовме на слики како спијат на кревет покрај прачки со злато и стотици илјади евра во девизи. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми е што добрите односи помеѓу двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот, ги уништуваат корумпирани политичари кои не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза“, вели Николовски во видеообраќање од Будимпешта, каде што присуствува на состанокот на министри за транспорт на земјите-членки на Европската Унија, и додава:
„И таков е овој кој го споменав со прачките злато, таков е еден друг кој важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои се корумпирани, а таков е и оној кој е претседател на Бугарија и кој немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот претседател“.
Николоски кажа дека кризата во бугарското општество е создадена токму од овие политичари, кои наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал што го има во Бугарија и за лошата економија, тие сакаат да се занимаваат со Македонија.
„Нивното занимавање со Македонија, всушност, покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане членка на Европската Унија, уште помалку да напредува кон Европската Унија. Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат како своја предизборна тема. Секако, ние нема да го дозволиме тоа. Всушност, самото тоа што се вадат изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик. Но, јас останувам позади сè што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата што ја претставува“, рече во своето видеообраќање Николовски.
Николоски го прашува бугарскиот претседател Радев дали со тоа што не го поставил македонското знаме сакал да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивни долгогодишен сон.
„Ние сме јасни кои сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Ние зборуваме свој, македонски јазик различен од сите останати јазици, ние имаме своја историја, своја култура. Ние знаеме кои сме и не треба на никого да се докажуваме. А, оние кои сакаат поинаку да ја читаат историјата се политичари од 19, а не од 21 век“, вели Николоски.