КОВАЧЕВСКИ И МИЦКОСКИ РАЗГОВАРАА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ВО ЗАЕДНИЧКА ВЛАДА, РАЗЛИЧНИ ИМ СЕ УСЛОВИТЕ И КОЈ ДА ЧЛЕНУВА ВО НЕА

    КОВАЧЕВСКИ И МИЦКОСКИ РАЗГОВАРАА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ВО ЗАЕДНИЧКА ВЛАДА, РАЗЛИЧНИ ИМ СЕ УСЛОВИТЕ И КОЈ ДА ЧЛЕНУВА ВО НЕАМицкоски би влегол во влада со СДСМ, но без ДУИ. (Фото: К. Попов)

    По лидерската средба денеска, прв изјава даде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во која кажа дека премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски му предложил да влезе моментално неговата опозициона партија во Владата, со тоа што ќе ги добие пет од 10-те најбитни реформски ресори (министерски места). Премиерското не.

    Ковачевски предложи во рамките на Собранието да се отвори дискусија и со двотретинско мнозинство да се изгласа потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада, во која од десетте ресори што ги менаџира СДСМ, пет да ѝ бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ. Предложи да бидат завршени уставните измени, да почне процесот на преговори, а потоа да бидат затворени поглавјата едно, две, три, во зависност од брзината. Потоа, таа заедничка влада да ги организира и да оди на парламентарни избори. На ова јас одговорив дека е во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Владата со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада“, кажа Мицкоски, со забелешка дека нови избори според Изборниот законик, организира техничка влада.

    Кусо по изјавата на Мицкоски, министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, на Фејсбук го соопшти ставот на партијата: подготвена е да поддржи Влада без ДУИ до избори ако опозицијата ги поддржи уставните измени и тие стапат на сила пред формирањето на таа влада. „Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, рече Османи.

    ВМРО-ДПМНЕ потоа кажа дека ја поздравува подготвеноста на ДУИ да оди во опозиција и рече дека останува уште партијата да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, „откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет“.

    Мицкоски рече дека во дискусијата што се развила, кажал категорично:

    Уставните измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на Пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 земји членки“.

    Но, за ова Ковачевски рекол дека е кршење на преговарачката рамка.

    „Јас потоа му понудив да одиме на предвремени парламентарни избори на есен, да формираме влада со широко национално единство, каде нема да биде дел ДУИ и бидејќи ниту една земја членка нема против македонскиот многувековен идентитет, традицијата, културата, обичаите, македонскиот јазик, тогаш јас сум подготвен да разговарам со европски премиери, за да изгласаат потврда – гаранција за ова што го збориме. Па да видиме дали е тоа навистина така како што велат дека е, а со оглед дека и Бугарија сега има избрана Влада. И да дојдеме да кажеме пред граѓаните дека Европа застанува зад многувековниот идентитет“, рече Мицкоски.

    Тој кажа дека би сакал да биде добар сосед со Бугарија и од оние 14 судски случаи во Стразбур, сама да одбере три и нив да ги имплементира.

    „Тогаш ќе речеме добро е, има позитивен ветер и нашинците во Бугарија ќе се почувствуваат дека некој од нивната матична држава стои позади нив. Ковачевски не прифати, бидејќи тоа е промена на преговарачката рамка. Но ние бараме пакет, грижа, а не е преговарачка рамка“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Премиерот Ковачевски кажа дека е добро што ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени.

    „Од ова што го слушнав на денешната средба, ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата, тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба, изјави Ковачевски по лидерската средба.

    Ковачевски кажа дека му предложил на Мицкоски заедно да ги изгласаат уставните измени, а потоа да одат на избори и потврди дека е подготвен да отстапи пет министерски места во Владата за ВМРО-ДПМНЕ по отворањето на Уставот.

    „Дадов предлог до Мицкоски доколку се сложат заеднички и консензуално да пристапиме кон остварувањето на оваа стратешка цел и сите заедно да ги гласаме уставните измени. Доколку сите заедно ги изгласаме, тогаш предложив дека веднаш после гласањето може да одиме на избори и тоа е став кој го имам кажано јавно пред неколку месеци. Во текот на изминатиот период сфатив дека за нив е важно да бидат дел од власта и за да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од свој партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на Уставот со две третини и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира