КОВИД БОЛЕДУВАЊЕТО ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ДА БИДЕ СО 100 ОТСТО ОД ПЛАТАТА, ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА ПОДНЕСЕ ИНЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН СУД

    КОВИД БОЛЕДУВАЊЕТО ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ДА БИДЕ СО 100 ОТСТО ОД ПЛАТАТА, ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА ПОДНЕСЕ ИНЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН СУДНа овој начин секој вработен, не само во здравството, наместо досегашните 70% ќе оствари право на боледување со надомест во висина од 100% од својата плата. (Фото: К. Попов)

    Сите работници кои биле заболени од ковид-19 да добијат 100 отсто плата, бара Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР). Тие испратија иницијатива до Уставниот суд за утврдување на законитоста и уставноста на точка 408 од Правилникот за професионални заболувања (Сл. Весник РСМ бр. 118/20).

    Од Здружението велат дека бараат од Уставниот суд да ја поништи оваа дискриминирачка одредба и да се донесе нова одредба со која секој работник кој работи на работни места, каде во согласност со Законот за безбедност и здравје на работа е утврдено постоење на зголемен ризик за заразување со коронавирусот и/или појава на болеста ковид-19, во случај на инфекција или заболување, да може да ги оствари своите уставно загарантирани права за безбедна работа и еднаквост.

    „Целосно поддржуваме лекарите и целиот медицински персонал, како и ветеринарскиот и друг помошен персонал и во иднина да ги остваруваат своите права при заболување од ковид-19 како професионална болест, како што е сега утврдено. Но, многу е важно конечно да бидат прифатени предложените измени со цел обезбедување на уставно загарантираните права на сите работници, односно признавање на ковид-19 како професионално заболување за секој работник во земјата“, вели Здружението.

    На овој начин секој вработен, наместо досегашните 70% ќе оствари право на боледување со надомест во висина од 100% од својата плата.

    „Ваквиот пристап е многу важен, особено во време кога се бориме за зачувување на секое работно место и егзистенција за секој граѓанин“, вели Милан Петковски, претседател на МЗЗПР.

    МЗЗПР во својата иницијативата до Уставен суд посочува и дека сите останати професии, кои се на првата линија во ковид пандемјата, како полициски службеници, припадници на Армијата, вработените во детските градинки и образованието, вработените во домовите за грижа на стари лица, службеници на шалтери, работници во малопродажба, се изоставени од оваа одредба, со што се врши нивна дискриминација и им се оневозможува користење на нивните права како работници.

    „Истовремено, следејќи ги актуелните законски одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, МЗЗПР покрена и иницијатива за признавање на инфекцијата со САРС-КоВ-2 вирус и/или појавата на акутна болест Ковид-19 кај секој работник кој работи на работно место со зголемен ризик за инфекцијата и/или заболување, истото по автоматизам и веднаш да биде регистрирано како несреќа на работа. Ако ова се прифати, привременото отсуство од работа (боледувањето) тогаш ќе биде третирано како ‘несреќа на работното место’ и работникот ќе оствартува надоместок на плата во износ од 100% од износот на платата, за цело време на траење на боледувањето. Регистрацијата на инфекцијата и/или болеста ковид-19 како несреќа на работа, овозможува во понатамошниот период, доколку дојде до трајно влошување на здравствената состојба со последици по работна способност (пост-ковид, долготраен ковид и други форми на трајни здравствени последици), работникот да може, без други законски, административни и стручни проблеми, да го остварува правото на професионална болест, онака како што е тоа утврдено во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и изменетиот Правилник за Листата на професионални болести.

    Поддршка за оваа инцијатива дале и Конфедерацијата на Слободни синдикати, Сојузот на Синдикати на Македонија, Здруженија на граѓани од областа на трудовото право, како и лекарите по медицина на труд и бојни инженери, стручни лица за безбедност при работа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира